Ерлинг Халанд продолжува да пишува историја, но ниту неговиот јубилеен 150-ти гол во дресот на Манчестер Сити не беше доволен за да се запре кризата во тимот на Пеп Гвардиола. Во натпревар кој донесе драма, ВАР одлуки и неверојатни промашувања, „граѓаните“ одиграа само 1-1 против жилавиот Брајтон на „Етихад“.
Ова е трето последователно реми за Сити, резултат кој сериозно ги загрозува нивните амбиции за титулата. Додека Арсенал маршира кон врвот, тимот од Манчестер изгледа како машина на која и’ фалат клучни делови, особено во одбраната каде повредите на Рубен Дијаш и Јошко Гвардиол оставија огромна дупка.

Халанд во „Клубот 150“ и историскиот 35.000-ти гол
Натпреварот започна со иницијатива на гостите, но Сити беше тој што поведе во 41-вата минута. По еден продор на Џереми Доку, судијата Томас Брамал по преглед на ВАР мониторот покажа на белата точка. Ерлинг Халанд беше сигурен реализатор, постигнувајќи го својот 150-ти гол за клубот во само 173 настапи.
Овој погодок имаше и пошироко историско значење – тоа беше јубилејниот 35.000-ти гол во историјата на Премиер лигата од нејзиното основање во 1992 година. Со ова, Норвежанецот се искачи на вечната листа на стрелци на Сити, каде сега му „дишат во врат“ на легендите како Били Мередит и Колин Бел.
Брајтон не се предаде: Митома ја замолкна публиката
Иако Сити водеше на полувреме, Брајтон покажа зошто е еден од најопасните тимови во лигата. Гостите ги користеа празнините во неискусната одбрана на домаќините, каде младиот Хусанов мораше да прави „чуда“ за да спаси чист гол по бегот на Џорџинио Рутер.
Израмнувањето дојде во 60-тата минута кога Каору Митома со прецизен удар од работ на шеснаесетникот го совлада Џанлуиџи Донарума. До крајот, двете екипи имаа шанси за победа – Бернардо Силва ја погоди стативата, додека гостите пропуштија неверојатна прилика преку Диего Гомез за целосен пресврт.
Хаос на табелата: Арсенал може да избега на +8
Овој кикс на Сити е „музика за ушите“ на Микел Артета. Арсенал во моментов е лидер со 48 бодови, пет повеќе од Сити (43), но и со натпревар помалку. Доколку „топџиите“ го совладаат Ливерпул во дербито во четврток, предноста ќе порасне на огромни 8 бодови.



