(Видео) Италија е тениска велесила: „Хет-трик“ во Дејвис Купот за историја, Коболи е новиот национален херој!

Објавено:

Италија го потврди својот статус на апсолутен владетел во светот на тенисот. „Аѕурите“ трета година по ред се шампиони на Дејвис Купот, откако во финалето во Болоња ја совладаа Шпанија со 2-0.

Ова е историски момент не само за италијанскиот, туку и за светскиот тенис. Италија стана првата земја што освоила три титули во низа во модерната ера на натпреварувањето (по 1972 година).

Уште поимпресивно е што оваа титула е освоена без најголемите ѕвезди, светскиот рекет број 1, Јаник Синер, и Лоренцо Мусети.

Коболи – од бездна до триумф

Исто како во четвртфиналето и полуфиналето, одлучувачкиот поен го донесе младиот Флавио Коболи. Во дуелот против Хауме Мунар, Коболи започна нервозно, губејќи го првиот сет убедливо со 1-6 и имајќи негатива од брејк во вториот.

Сепак, носен од 10.000 фанови во „СуперТенис Арената“, тој пронајде внатрешна сила за чудесен пресврт. Го освои вториот сет во тај-брејк, а во решавачкиот трет сет направи клучна разлика во самиот финиш за конечни 1-6, 7-6(5), 7-5.

Беретини, неприкосновен лидер

Претходно, Матео Беретини ѝ донесе предност на Италија со брилијантна игра против Пабло Карењо Буста, победувајќи го со 6-3, 6-4. Беретини, кој играше како во своите најдобри денови, ја заврши неделата без загубен сет и покажа дека е вистински лидер на оваа генерација кога е најпотребно.

Братство кое носи титули

Она што ја прави оваа титула посебна е хемијата во тимот. Беретини и Коболи се пријатели од детството, а нивната поврзаност беше очигледна во текот на целиот турнир.

„Матео ми е како брат. Тој ми помогна многу за време на мечевите“, изјави Коболи по полуфиналето.

Со овој триумф, Италија стана и првата нација (освен САД и Австралија) која во иста сезона ги освоила и Дејвис Купот (мажи) и Били Џин Кинг Купот (жени) повеќе од еднаш.

Ждрепка за 2026: Србија или Чиле за Шпанија

Додека Италија слави, веќе се познати и двојките за квалификациите за следната сезона. Шпанија, како финалист, директно оди во втората рунда каде ќе игра против победникот од дуелот Чиле – Србија.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено