Италијанската кошарка доживува срамни моменти, а македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски беше директен учесник во еден од нив. Неговиот тим Тренто славеше на гостувањето кај Трапани Шарк со службени 20:0 (на теренот беше 11:26), во натпревар кој траеше нешто повеќе од четири минути.
Што се случи во Трапани?
Домашниот тим, соочен со сериозни финансиски проблеми, суспензии и егзодус на играчи, на теренот излезе со само седум кошаркари, тројца професионалци и четири младинци. Но, веднаш по почетокот, тројцата сениори (Росато, Пуљати и Саного) го напуштија паркетот поради наводни повреди и стомачни проблеми, оставајќи ги младинците сами.
Трапани мораше да го започне мечот за да избегне исклучување од лигата (по веќе едно неодигрување). Мечот беше прекинат по само 4 минути и 11 секунди игра, кога на теренот остана само еден играч на Трапани, бидејќи останатите „намерно“ направија по пет лични грешки.
Јакимовски најефикасен во „циркузот“
Во тие неколку минути „игра“, Тренто доминираше. Андреј Јакимовски за 5 минути на паркетот успеа да постигне 12 поени, со што беше најефикасен на натпреварот. Тој додаде и 3 скока и 1 асистенција.
Публиката во салата со солзи и аплауз ги испрати младите кошаркари на Трапани, кои беа жртви на катастрофалното раководење на клубот од страна на претседателот Валерио Антонини.
Погледнете ги моментите од овој тажен ден за кошарката:



