Фудбалскиот свет е сведок на историја! Репрезентацијата на Јапонија денеска во Токио, во спектакуларен пријателски натпревар, успеа да направи неверојатен пресврт и за првпат во својата историја да го победи моќниот Бразил со 3:2.
Ова не е само обична победа. Ова е првпат во историјата на фудбалот, една репрезентација да успее да го победи Бразил откако губела со два гола разлика на полувремето. Историјата е испишана.
🤯🇯🇵🇧🇷 JAPÓN LE GANÓ 3-2 A BRASIL LUEGO DE IR PERDIENDO 0-2, TODO EN 19 MINUTOS.
⚽️ 26′: Japón 0-1 Brasil.
⚽️ 32′: Japón 0-2 Brasil.
⚽️ 52′: Japón 1-2 Brasil.
⚽️ 62′: Japón 2-2 Brasil.
⚽️ 71′: Japón 3-2 Brasil.Le ganó por PRIMERA VEZ EN LA HISTORIA. 😮💨pic.twitter.com/oBSbehCONo
— Sudanalytics (@sudanalytics_) October 14, 2025
Бразилска самба во првиот дел, јапонско цунами во вториот
Натпреварот започна според сите очекувања. Бразил, предводен од Карло Анчелоти, доминираше во првиот дел и со головите на Пауло Енрике и Габриел Мартинели стигна до комотно водство од 0:2 на полувремето. Се чинеше дека “самураите” се пред уште еден рутински пораз.
Но, во второто полувреме, на теренот излезе една сосема поинаква Јапонија. Предводени од неверојатната поддршка од трибините, тие тргнаа на сè или ништо. Пресвртот го најави Такуми Минамино во 52-та минута, Кеито Накамура израмни на 2:2 во 62-та, а целосниот делириум на стадионот го донесе Ајасе Уеда со голот за победа во 71-та минута.
Анчелоти: “Изгубивме баланс, ова е добра лекција”
Селекторот на Бразил, Карло Анчелоти, беше видно разочаран, но и реален по поразот. “Ова е добра лекција, има работи што треба да ги научиме. По нивниот прв гол, изгубивме баланс на теренот, ја изгубивме позитивната енергија. Таа грешка премногу влијаеше на нас”, изјави Анчелоти.
Светот воодушевен: “Проектот ‘Blue Lock’ е реален!”
Оваа победа на Јапонија предизвика лавина од позитивни реакции низ целиот свет.
“Честитки од Аргентина!”, “Каков пресврт, горд сум како Јапонец”, “Сонот на Капитен Цубаса се оствари”, “Проектот ‘Blue Lock’ е реален!”, беа само дел од коментарите.
Многумина ја истакнаа и менталната сила на јапонските фудбалери. “Ја гледав разликата во изразите на лицата. Кога губеа со 0:2, Корејците пред некој ден изгледаа изгубено. Јапонците сè уште веруваа. Тоа е разликата”, гласеше една од анализите.
На крајот, ова е само уште еден доказ за неверојатниот подем на јапонскиот фудбал. “Самураите” повеќе не се само симпатична репрезентација, туку вистинска сила која може да победи секого.



