Ако никогаш во животот не сте гледале снукер, треба да знаете само една работа: Рони О’Саливан е за снукерот она што се Мајкл Џордан за кошарката или Лионел Меси за фудбалот. Тој е едноставно „Вонземјанин“.
А она што овој 50-годишен „Вонземјанин“ го направи на турнирот „World Open“ во Кина… епски е слаб збор! Рони испиша историја правејќи го најголемиот телевизиски и професионален брејк на сите времиња, неверојатни 153 поени!
Чекај, како е можно 153? Зар 147 не е максимумот?
Одлично прашање за секој почетник! Во нормални услови, максимумот што еден играч може да го освои во една партија (фрејм) е 147 поени (ако ги уфрли сите 15 црвени топки во комбинација со 15 црни, а на крајот и сите останати обоени топки по ред).
Но, постои една „дупка во законот“ наречена слободна топка (free ball).
Еве што се случи: противникот на Рони, Велшанецот Рајан Деј, направи фаул на самиот почеток оставајќи му на Рони „слободна топка“. Ова значи дека Рони можеше да избере која било обоена топка и таа да се брои како екстра црвена (вреди 1 поен). Тој ја одбра зелената, потоа уфрли црна (7 поени) и ТЕК ТОГАШ почна да ги уфрла стандардните 15 црвени топки во комбинација со 13 црни и 2 розови.
Резултатот? 153 поени во една серија! Претходниот рекорд го држеше Џејми Барнет уште од 2004 година со 148 поени.
Погледнете ја магијата на дело:
Дури и ривалите престанаа да играат за да гледаат!
Дека се работи за историски момент, покажаа и другите снукер мајстори. На соседната маса се играше мечот помеѓу Марк Ален и Ву Јизе. Кога сфатија што се случува, двајцата престанаа да играат и се свртеа да гледаат како Рони испишува историја!
Поставувањето на овој рекорд е уште поимпресивно бидејќи доаѓа само неколку недели откако Рони јавно изјави дека сака да ги поместува границите и дека снукерот го игра исклучиво за забава.
„Можев да се обидам да уфрлам уште една црна, но си помислив: ‘Мислам дека никој нема направено брејк над 147 на телевизија’, па сакав да бидам прв,“ изјави кул Рони по мечот. „Сум бил прв во многу работи, па си реков да го земам и ова. Се чувствувам благословен.“
Thank you for the messages….#153 pic.twitter.com/mxb6BRBDOR
— Ronnie O'Sullivan (@ronnieo147) March 20, 2026
Што е следно?
Теоретскиот апсолутен максимум во снукерот (со помош на слободна топка) е 155 поени. Дали Рони ги чува тие 155 за Светското првенство? Ако некој може да го направи тоа, тогаш тоа е дефинитивно „Ракетата“!



