Сите дилеми се решени во групата „Џими Конорс“. Карлос Алкараз официјално е најдобриот тенисер на планетата за оваа година!
Шпанската суперѕвезда го издржа пеколниот притисок од домашната публика во Торино, го совлада Лоренцо Мусети со убедливи 6-4, 6-1 и со перфектен скор од 3-0 го обезбеди првото место во групата. Со оваа победа, Алкараз и математички го обезбеди АТП Број 1 статусот на крајот на годината, по вторпат во својата кариера (првиот пат во 2022).
CARLITOS HAS DONE IT AGAIN! 🔥
— ATP Tour (@atptour) November 13, 2025
He clinches the 2025 ATP Year-End No. 1 presented by PIF! 👏#PIF | #ATPRankings | #partner pic.twitter.com/z2abBHlerx
„Ова ми значи сè на светот“
Алкараз мораше да игра против целиот „Иналпи“ стадион, кој грмеше за домашниот миленик Мусети. Сепак, класата е вечна. Со 26 директни поени (винери) и агресивен пристап, Карлос не му даде шанса на Италијанецот.
„Натпреварот беше многу важен, играв за Број 1. Не беше лесно на почетокот со нервите, но се обидов да го издржам притисокот. Да се заврши годината на врвот ми значи сè на светот“, изјави Алкараз по мечот.
Овој резултат значеше крај за Мусети, но донесе радост за Алекс де Минор, кој како второпласиран патува во полуфиналето.
Де Минор „направи мир“ со себе и го исфрли Фриц
Претходно во денот, Алекс де Минор ја забележа својата прва победа на завршните турнири, совладувајќи го Американецот Тејлор Фриц со 7-6(3), 6-3.
Австралиецот, кој имаше тежок старт на неделата, призна дека го променил менталитетот.
„За првпат по долго време, заборавив на ’што ако‘. Само се посветив на играта. Пред неколку дена го мразев спортот, а сега се чувствувам одлично“, искрен беше Де Минор.
Што следи? Полуфинални пресметки!
Ситуацијата е следна:
- Карлос Алкараз (1. место во група) го чека второпласираниот од групата „Бјорн Борг“ (победник од дуелот Зверев – Оже-Алијасим).
- Алекс де Минор (2. место во група) оди на мегдан со бранителот на титулата и прв во својата група, Јаник Синер.
Утре (петок) се решава и последното место во полуфиналето. Александар Зверев и Феликс Оже-Алијасим во директен дуел ќе одлучат кој ќе му излезе на мегдан на Алкараз, додека Синер ќе игра за престиж и перфектен скор против веќе елиминираниот Бен Шелтон.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



