(Видео) Комо му даде „петарда“ на Торино и го прескокна Јувентус! Драма во Сасуоло во 95-та!

Објавено:

Понеделникот во Серија А донесе фудбалски огномет. Додека Сасуоло се спасуваше во последната секунда, апсолутната приказна на вечерта доаѓа од Торино, каде четата на Сеск Фабрегас приреди фудбалска лекција и испрати моќна порака до цела Италија.

Комо е хит на сезоната: „Петарда“ среде Торино!

Тимот на Комо го уништи Торино на гостински терен со неверојатни 1-5, победа која ги лансираше на шесттото место на табелата, прескокнувајќи го дури и гигантот Јувентус!

Херој на вечерта беше младиот Џејден Адаи со два гола. Тој го отвори резултатот, а иако Торино накратко израмни преку пеналот на Никола Влашиќ пред полувремето, вториот дел беше целосна доминација на гостите.

Адаи повторно погоди за 1-2, а потоа следеше потоп за „Биковите“. Хакобо Рамон, фантастичниот Нико Паз (кој со петтиот гол се израмни со Пулишиќ и Чалханоглу на врвот на листата на стрелци) и летнoтo засилување Мартин Батурина ја наполнија мрежата на домаќините.

На Торино не му помогна ниту враќањето на Дуван Запата во стартниот тим по една година пауза; одбраната им беше катастрофална, а Комо изгледаше како тим што може да се бори за Европа.

Сасуоло се спаси од пораз во 95-та минута!

Во другиот меч, Сасуоло и Пиза одиграа трилер реми 2-2, а домаќините се спасија од пораз длабоко во судиското надополнување.

Мечот започна фуриозно: Нзола донесе предност за Пиза од пенал уште во 4-тата минута, но само две минути подоцна, Урош Матиќ со спектакуларен „еврогол“ од работ на шеснаесетникот израмни на 1-1.

Кога Мајстер погоди за Пиза во 81-вата минута, се чинеше дека бодовите ќе патуваат кај гостите. Сепак, Сасуоло не се предаде. Во 95-тата минута, Кристијан Торствед се најде на вистинското место и погоди за конечни 2-2, спасувајќи бод за „Неровердите“ во инфаркт завршница.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено