(Видео) Крај на клетвата: Вардар ја победи Шкендија, ВАР поништи гол во 88. минута!

Објавено:

По цели осум години и 21 натпревар чекање, клетвата е скршена! Вардар го освои Тетово, славејќи со огромни 0-1 против лутиот ривал и актуелен шампион Шкендија, во дерби кое понуди сè – драма, тензија, херојски одбрани и одлука донесена во ВАР собата.

Со оваа историска победа, “црвено-црните” не само што ставија крај на една од најцрните серии во својата историја, туку и се искачија на лидерската позиција на табелата во Првата македонска фудбалска лига.

Човек на одлука беше Давид Бабунски. Се играше 49. минута кога по еден корнер за Вардар, Ибрахим Алхасан наивно играше со рака во својот шеснаесетник. Судијата Трпчевски покажа на белата точка, одлуката беше потврдена од ВАР, а Бабунски со ладнокрвна егзекуција по средината на голот го матираше Гаје за ерупција на радост кај вардарци.

Првото полувреме заврши без голови, но беше сè само не досадно. Вардар прв се закани сериозно преку Азер Омерагиќ во 24. минута, но неговиот удар со глава заврши за малку покрај стативата. А потоа, во 31. минута, следуваа луди десетина секунди пред голот на Вардар. Бесарт Ибраими изведе “бомба” од слободен удар, но голманот Давор Талески со парада одбрани. Топката се одби до Спахиу, чиј удар од гол-линијата го спаси херојскиот Филип Најдовски, за веднаш потоа Талески со уште една неверојатна интервенција да го одбрани и вториот обид на Ибраими.

Драмата кулминираше во 88. минутаБесарт Ибраими мајсторски ја прими топката и ја смести во мрежата за израмнување, предизвикувајќи делириум на трибините. Но, додека домашните славеа, ВАР собата ја прегледуваше ситуацијата. По неколку моменти на неизвесност – шок за Тетово! Голот беше поништен поради офсајд, а радоста на Шкендија беше скратена.

Финишот на мечот донесе и очекувани тензии. Нервозниот Ибраими имаше контакт со голманот Талески, по што настана турканица меѓу играчите на двата тима, која за среќа брзо се смири со неколку жолти картони.

На крајот, по последниот свиреж, огромна радост за фудбалерите на Вардар. Осум години чекаа на оваа победа, а сега, од Тетово не само што си одат со три бода, туку и како лидери на македонскиот фудбал.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено