Во дербито на колото во Премиер лигата, Арсенал убедливо ја совлада Астон Вила со резултат 4-1, обезбедувајќи си мирна новогодишна ноќ на врвот на табелата. Тимот на Микел Артета сега има пет бода предност пред второпласираниот Манчестер Сити, кој има натпревар помалку.
Ова беше крај на импресивната серија на Унаи Емери, чиј тим пристигна во Лондон со низа од 11 победи, но не успеа да му се спротивстави на расположениот домаќин во второто полувреме.
Експлозија од голови во вториот дел
По првото полувреме кое заврши без голови (0-0), „Топџиите“ го скршија отпорот на гостите веднаш по паузата.
Клучниот момент се случи во 48-мата минута, кога повратникот во тимот, Габриел Магаљаеш, најдобро се снајде по еден корнер и ја смести топката во мрежата за 1-0. Само четири минути подоцна, капитенот Мартин Одегард асистираше до Мартин Зубименди, кој прецизно зголеми на 2-0.
Астон Вила немаше одговор за играта на домаќинот. Леандро Тросар во 69-тата минута со силен удар зголеми на 3-0, а Габриел Жезус само што влезе од клупата, го постигна четвртиот гол во 78-мата минута.
Гостите успеаја да постигнат само почесен погодок длабоко во судиското надополнување преку Оли Воткинс за конечни 4-1.
Без Рајс, но со враќање на Габриел
Арсенал на овој натпревар настапи без Деклан Рајс, кој отсуствуваше поради повреда. Сепак, добра вест за Артета беше враќањето на Габриел во стартната постава, кој беше прогласен и за играч на натпреварот.
Со оваа победа, Арсенал ја завршува 2025 година како лидер, додека Астон Вила останува на третата позиција, сега со шест бода заостанување зад првопласираниот.



