Кристал Палас продолжува да ја пишува својата најубава фудбалска приказна. Во Лублин, Полска, каде што Динамо Киев ги игра своите европски натпревари, “орлите” од Лондон не само што ја запишаа првата гостинска победа во европските натпреварувања во клупската историја, туку и го соборија рекордот за најдолга непоразена серија, кој стоеше уште од далечната 1969 година.
Сè започна уште во 9-та минута, кога Даниел Муњоз со прекрасен лоб-удар со глава по асистенција на Јереми Пино го отвори резултатот. Во второто полувреме, резервистот Еди Нкетија ја удвои предноста со прецизен завршен удар, откако Пино повторно ја покажа својата креативност по левата страна.
A club record 19 games unbeaten 🤌 pic.twitter.com/M2tLAh0CP5
— Crystal Palace F.C. (@CPFC) October 2, 2025
Околу 3.500 навивачи кои допатуваа да ги бодрат “орлите” во Полска експлодираа од радост, а дури ни црвениот картон на Борна Соса, кој за само три минути собра два жолти картона, не ја расипа нивната вечер. По последниот свиреж, Палас не славеше само три бода, туку и 19-ти натпревар без пораз во сите конкуренции – најдолга низа во 120-годишната историја на клубот.
Минатата сезона овој тим изгледаше осуден на борба за опстанок. Сега, под водство на Оливер Гласнер, Палас е победник на ФА Купот, трета сила во Премиер лигата и меѓу фаворитите за освојување на Конференциската лига каде беа префрлени по исфрлањето од Лига Европа поради прекршување на правилата за сопственичката структура. Победата над Ливерпул во саботата ја израмни старата рекордна низа од 1969 година, а триумфот над Киев ја помести историјата чекор понатаму.
“Овие момци се гладни за успеси и имаат огромна амбиција”, изјави Гласнер по мечот. “Имаме голема почит кон Динамо, но за нас е важно секое натпреварување. Секој меч е нова можност да покажеме што знаеме”.
Податоците зборуваат сами: Палас не знае за пораз од 16 април, има само три примени гола во првите шест кола од Премиер лигата, а нивниот поход вклучува и незаборавна победа над Манчестер Сити во финалето на ФА Купот.
“Деветнаесет натпревари без пораз, прва европска гостинска победа – оваа екипа оди само нагоре”, оцени поранешниот англиски репрезентативец Овен Харгрејвс.
За клуб кој пред една година беше во зоната на испаѓање, ова е трансформација за учебници. А за навивачите, почеток на една од најмагичните приказни во нивната историја.
А, за нас останува да се забавуваме со админот на Твитер (Х), кој не заборава после секоја победа да ја апдејтува биографијата на профилот на Кристал Палас.
Don’t worry, we’ve updated the bio
— Crystal Palace F.C. (@CPFC) October 2, 2025