(Видео) Лече се самоуништи: Црвени картони и пораз од Парма во Серија А

Објавено:

Лече ја прокоцка предноста и дозволи Парма да си замине со цел плен од „Виа дел Маре“, а главни виновници за поразот се непромислените потези и црвените картони на домашните фудбалери.

Она што започна како совршено попладне за Лече, се претвори во вистински кошмар. Домаќините водеа повеќе од еден час, но на крајот беа поразени од Парма со 1-2, останувајќи без бодови и без двајца клучни играчи за следните предизвици.

Шок старт и солзи за Банда

Натпреварот не можеше да започне подобро за Лече. По само 51 секунда игра, Никола Стулиќ одлично се снајде во шеснаесеттникот и ја затресе мрежата на Едоардо Корви за рано водство од 1-0.

Сепак, моментот кој го смени текот на мечот се случи кога Ламек Банда заработи директен црвен картон по интервенција на ВАР. Банда невнимателно и опасно стартуваше врз Енрико Делпрато, по што судијата Маринели му го покажа патот кон соблекувалната. Замбиецот го напушти теренот во солзи, свесен за грешката што ја направи.

Пресвртот на „млекарите“

Парма ја искористи бројната предност во вториот дел. Израмнувањето дојде во 64-та минута кога центаршутот на Бернабе со глава го закачи Тијаго Габриел, кој си постигна несреќен автогол.

Целосниот пресврт го комплетираше најдобриот стрелец на тимот, Матео Пелегрино. Во 72-та минута, Аргентинецот највисоко скокна по еден корнер и со моќен удар со глава на првиот дирек донесе водство од 1-2 за гостите.

Хаос во финишот: Гаспар ја загуби главата

За малку да биде полошо за Лече, Киалонда Гаспар заработи црвен картон во судиското продолжение. Во момент на целосно лудило, Гаспар го шутна Пелегрино додека напаѓачот на Парма лежеше на земја, директно пред очите на судијата.

Со овој пораз, Лече останува на само четири бода над зоната за испаѓање и во следното коло ќе мора да му се спротивстави на лидерот Интер без двајцата суспендирани првотимци.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Тазе објавено