(Видео) Лидерот Арсенал испушти добиен меч против последниот на табелата Волвс

 

Објавено:

Арсенал пропушти златна прилика да се одлепи на врвот на Премиер лигата, откако во драматичен финиш „прокоцка“ водство од 2-0 против „фенерџијата“ Волвс. Наместо планираните седум бода предност, „топчиите“ на крајот мораа да се задоволат само со еден, по неверојатната серија грешки во судиското продолжение.

Тимот на Микел Артета се чинеше дека има сè под контрола, но во 94-та минута дозволи домаќинот да извлече нестварни 2-2, со што се подгреаја старите сомнежи за шампионскиот менталитет на овој состав.

Новиот договор на Сака и почетната доминација

Натпреварот започна како од бајка за гостите. Само еден ден по потпишувањето на новиот петгодишен договор, Букајо Сака ја прекина гол-сушата од 15 натпревари и погоди со глава по центаршутот на Рајс уште во 5-та минута. Кога во второто полувреме Пиеро Инкапие зголеми на 2-0 по асистенцијата на Габриел, се чинеше дека трите бода се веќе в џеб.

Сепак, повредата и принудното излегување на Сака од игра внесе несигурност во редовите на лондончани. Хуго Буено во 61-та минута постигна спектакуларен гол за 1-2 и најави вистинска опсада на голот на Давид Раја во самиот финиш.

Хаос во 94-та минута: Раја и Габриел се судрија

Драмата го достигна врвот во четвртата минута од судиското продолжение. По една висока топка во шеснаесеттникот, голманот Раја и дефанзивецот Габриел се судрија во обид да интервенираат, а топката падна кај дебитантот Том Едози. 19-годишниот фудбалер на Волвс упати силен удар, кој несреќно го погоди Рикардо Калафиори и од стативата заврши во мрежата.

Овој резултат е огромен удар за Арсенал, кој сега има 5 бода предност пред Манчестер Сити, но тимот на Гвардиола има и натпревар помалку. По три последователни сезони како вицешампиони, ваквите киксови против аутсајдери се токму тоа што најмногу ги плаши навивачите на „Емирати“ во трката за првата титула по повеќе од две децении.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено