Астон Вила 1-0 Болоња
Од вкупно девет натпревари кои се одиграа денес во првото коло на Лига Европа, можеби најмногу внимание привлече натпреварот меѓу Астон Вила и Болоња. Во Вила Парк домашните играчи денес успеаја со еден погодок да дојдат до посакуваната прва победа сезонава, после лошиот старт во Премиер лигата.
Раниот гол на Џон МекГин во 13-та минута беше доволен за победа на домашен терен за Астон Вила, а резултатот до крајот на натпреварот остана непроменет, иако статистички гостите имаа повеќе шанси и шутеви кон голот.
Ренџерс 0-1 Генк
Втор за нас интересен натпревар беше оној на Рејнџерс против Генк, но новиот тим на нашиот Бојан Миовски не успеа да слави на домашен терен. Шкотите играа со играч помалку во второто полувреме, откако во самата завршница од првото Дионманде доби црвен картон.
За болката да биде поголема, погодокот за победа на белгискиот Генк во 55-та минута ја донесе поранешниот играч на градскиот ривал Селтик, Хјонгју О.
Иако стартуваше на сите натпревари досега од неговото пристигнување, Миовски вечерва влезе во игра само во последните десетина минути од натпреварот, но не успеа да донесе радост за домашната публика.
Панатинаикос испиша историја
Кризниот Панатинаикос, и тоа без тренер, приреди сензација во Берн – Анас Зарури постигна хет-трик за 4:1 против Јанг Бојс. Тоа е прв хет-трик во сезоната и во кариерата на крилниот напаѓач.
Жиру повторно блеска во Лил
Легендарниот Оливие Жиру, пет дена пред да наполни 39 години, стана трет најстар стрелец во историјата на Лигата на Европа, со гол со глава за победа на Лил против Бран. Двата тима по двапати ги погодија стативите, но искуството на Французинот пресуди.
Од другите мечеви издвојуваме:
Порто со гол на Вилијам Гомеш во судиско продолжение славеше во Салцбург (1:0).
Лион победи во Утрехт благодарение на Танер Тесман. (0-1)
Штутгарт на домашен терен беше подобар од Селта. (2-1)




