Каква ноќ во Лигата на шампионите! Третото коло донесе вистински “огномет” од голови, каде што англиските тимови Ливерпул и Челси ги “растурија” своите противници, Баерн беше немилосрден, а Реал Мадрид со минимална победа го доби големото дерби против Јувентус.
Еве краток преглед на сите девет натпревари одиграни вечерва, со видеа од најдобрите моменти.
Ајнтрахт Франкфурт 1 – 5 Ливерпул
Ливерпул ја прекина лошата серија во Премиер лигата и бесот го истури врз Ајнтрахт среде Франкфурт. Иако домаќините поведоа, “црвените” потоа уфрлија во петта брзина и со голови на Екитике, Ван Дајк, Конате, Гакпо и Собослаи стигнаа до убедлив триумф од 1:5.
Челси 5 – 1 Ајакс
Вистински хаос се случи на “Стемфорд Бриџ”, каде Челси брутално го искористи црвениот картон на Кенет Тејлор уште во 17-тата минута. Гол-серијата ја отвори Марк Гуиу, а ја продолжија Каиседо, Енцо Фернандез (пенал), Естевао (пенал) и Тајрик Џорџ за убедливи 5:1.
Баерн Минхен 4 – 0 Клуб Бриж
Баварската “машина” беше сигурна на “Алијанц Арената” и лесно се справи со Клуб Бриж. Резултатот го отвори младиот Ленарт Карл уште во 5-тата минута, Хери Кејн зголеми на 2:0, а Луис Дијаз и Николас Џексон во вториот дел го поставија конечниот резултат 4:0.
Реал Мадрид 1 – 0 Јувентус
Во големото дерби на вечерта, одлучи еден гол. Човек на одлука беше, се разбира, Џуд Белингем, кој во 57-та минута успеа да ја смести топката во мрежата по ударот во стативата на Винисиус Жуниор, за минимална, но златo вредна победа на “кралевите”.
Спортинг Лисабон 2 – 1 Олимпик Марсеј
Драматичен натпревар се одигра во Лисабон, каде Спортинг со пресврт дојде до победата. Гостите поведоа со евроголот на Игор Паишао, но ужасно добиениот црвениот картон на Емерсон кој што се обиде да “изглуми” пенал, по што реагираше ВАР собата и главниот судија, наместо топката на 11 метри, го прати бразилецот во соблекувалната и им го трасираше патот на Спортинг, што го искористи и преку Џени Катамо и Алисон Сантос стигна до победа.
Галатасарај 3 – 1 Бодо/Глимт
Виктор Осимен се врати на терените со стил, постигнувајќи два гола за Галатасарај во победата над незгодниот Бодо/Глимт. Третиот гол за турскиот тим беше дело на Јунус Акѓун, додека Андреас Хелмерсен постигна почесен гол за гостите.
Атлетик Билбао 3 – 1 Карабах
Карабах го шокираше “Сан Мамес” со гол на Леандро Андраде уште во првата минута. Сепак, баскијците се созедоа и со два гола на Горка Гурузета и еден на Роберт Наваро направија целосен пресврт за сигурна победа од 3:1.
АС Монако 0 – 0 Тотенхем
Иако се очекуваше спектакл, мрежите во кнежевството мируваа. Натпреварот понуди шанси на двете страни, но голманите Викарио и Кон беа на висина на задачата и средбата заврши со најнепопуларниот резултат 0:0.
Аталанта 0 – 0 Славија Прага
Другиот натпревар без голови се одигра во Бергамо. Аталанта не успеа да го скрши отпорот на цврстата Славија, чиј голман Јакуб Маркович беше играч на натпреварот.



