Манчестер Јунајтед под водство на Мајкл Карик изгледа како тим кој го врати својот препознатлив „победници во последна секунда“ дух. Во неверојатен натпревар со два пресврти, две долги ВАР проверки и драма до последната секунда, Јунајтед го совлада Фулам со 3-2, бележејќи ја третата победа по ред под привремениот стратег.

Доминација на бразилското дуо
Натпреварот започна добро за домаќините. По една бизарна ситуација каде ВАР го поништи досудениот пенал за Јунајтед бидејќи фаулот бил надвор од шеснаесеттникот, Бруно Фернандеш упати центаршут од слободен удар, а Касемиро со глава донесе водство. Во 56-та минута, Касемиро се претвори во асистент, пронаоѓајќи го Матеус Куња кој прецизно погоди за наизглед сигурни 2-0.
ВАР хаос и шокантно израмнување на Фулам
Долгите ВАР проверки (поништен гол на Куенка за Фулам и поништен пенал за Јунајтед) доведоа до рекордни 9 минути продолжение, но и до револт кај навивачите на двете страни. Фулам не се предаде, најпрво Раул Хименез погоди од пенал во 85-та минута, а потоа Кевин со вистински проектил во горниот агол го шокираше „Олд Трафорд“ за 2-2.
Шешко и „Јунајтед ДНК“ за крај
Кога се чинеше дека Карик за првпат ќе испушти бодови, на сцена стапи Бенјамин Шешко. Во последната минута од продолжението, Словенецот мајсторски прими топка од Бруно Фернандеш, се сврте во шеснаесеттникот и ја „скина“ мрежата за делириум на трибините.
Интересен е фактот што на Рубен Аморим му беа потребни 36 натпревари за да врзе три победи по ред, додека на Мајкл Карик му беа потребни само три меча за да го оствари истото. Јунајтед сега е цврсто во топ 4 и изгледа незапирливо.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



