(Видео) Мали со играч помалку и пенал-рулет го исфрли Тунис од АФКОН!

Објавено:

Во натпревар кој понуди сè што фудбалот може да даде – црвен картон, голови во финишот, продолженија и пенал-рулет, репрезентацијата на Мали излезе како голем победник, елиминирајќи го Тунис и закажувајќи четвртфинална пресметка со шампионот Сенегал.

Иако играа со играч помалку од 27-мата минута, „Орлите“ покажаа неверојатен карактер и славеа на пенали со 3:2, откако регуларниот дел и продолженијата завршија 1:1.

Црвен картон и доцна драма

Проблемите за Мали започнаа рано, кога Вајо Кулибали заработи директен црвен картон во 27-мата минута поради невнимателен старт врз Ханибал Меџбри. Тунис ја имаше бројчаната предност, но не успеа да ја материјализира до самиот крај.

„Картагинските орли“ конечно го скршија отпорот во 88-мата минута преку Фират Чауат, кој со глава ја затресе мрежата на Диара. Кога се чинеше дека Тунис оди понатаму, Мали доби „подарок“ во судиското надополнување, пенал по играње со рака на Мерија. Ласине Синајоко беше ладнокрвен и погоди за 1:1 во 90+6 минута, носејќи го мечот во продолженија.

Диара е херојот на пеналите

Во продолженијата немаше големи возбудувања, па победникот се решаваше на пенали. Голманот на Мали, Џиги Диара, беше апсолутен херој, одбранувајќи ги ударите на Елиас Ачури и Мохамед Бен Ромдане.

За Мали прецизни беа Синајоко, Диаките и Туре, додека за Тунис погодија само Мерија и Саад.

„Знаевме дека ќе биде тешко, особено по црвениот картон. Но, си ветивме дека нема да се предадеме. Оваа победа е за народот на Мали, изјави херојот Диара по натпреварот.

Во четвртфиналето, Мали ќе се соочи со Сенегал, кој претходно го елиминираше Судан.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Тазе објавено