(Видео) Мбапе ги врати „Кралевите“ во трка за титулата: Реал Мадрид го презеде врвот во Ла Лига!

Објавено:

Трката за титулата во Ла Лига повторно се вжешти. Реал Мадрид го искористи моментот и барем на 24 часа го презеде лидерското место на табелата, откако вечерва на незгодното гостување кај Виљареал славеше со сигурни 2-0. Човек на одлука, по којзнае кој пат сезонава, беше Килијан Мбапе.

Мбапе како машина: 21 гол на 19 меча!

По „заспаното“ прво полувреме во кое двата тима играа претпазливо, Реал Мадрид експлодираше веднаш по паузата. Алваро Арбелоа очигледно ги пронашол вистинските зборови во соблекувалната, бидејќи „кралевите“ излегоа со сосема поинаква енергија.

Во 48-та минута, по еден остар центаршут на Винисиус, одбраната на гостите лошо интервенираше, а топката падна право пред нозете на Килијан Мбапе, кој не простува од такви позиции. Иако Виљареал бурно протестираше дека топката претходно излегла во аут, голот беше признат. Французинот не застана тука и во финишот на мечот изнуди пенал и самиот го реализираше за конечни 2-0, стигнувајќи до својот 21-от гол во шампионатот.

Арбелоа ги „избриша“ сомнежите

Иако неговата ера започна со дебакл и елиминација од Купот од второлигашот Албасете, Алваро Арбелоа полека ги замолчува критичарите. Ова е трета победа по ред за него на клупата на Реал, а тимот под негово водство изгледа дефанзивно многу постабилно.

Виљареал имаше свои моменти, особено преку Жерард Морено кој промаши зицер во 62-та минута, но „кралевите“ знаеја како да го казнат секој превид на „жолтата подморница“.

Барса е на потег

Со овој триумф Реал Мадрид има 51 бод, два повеќе од Барселона. Сепак, притисокот сега е кај тимот на Ханси Флик. Каталонците утре против Реал Овиедо имаат императив за победа ако сакаат веднаш да се вратат на лидерската позиција. Трката продолжува, а Мбапе изгледа како човек кој е решен сам да ја донесе титулата во Мадрид.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Тазе објавено