Петочниот ден започна како најубавиот сон за Хари Мегваер, но заврши како вистински кошмар. Искусниот дефанзивец на Манчестер Јунајтед најпрво доби повик од новиот англиски селектор Томас Тухел за првпат по 2024 година, но само неколку часа подоцна стана трагичар на гостувањето кај Борнмут, каде неговиот тим испушти победа и ремизираше 2-2.
Сите возбудувања на „Виталити“ беа резервирани за второто полувреме, откако мрежите мируваа во првите 45 минути. Она што следеше беше вистинска ВАР драма и серија пенали кои го одредија конечниот исход.
Бруно прецизен, ВАР драма и несреќен автогол
Јунајтед поведе во 50-та минута преку Бруно Фернандеш, кој ладнокрвно го реализираше првиот пенал на мечот, досуден по прекршокот над Матеус Куња. Но, Борнмут експресно се врати во игра. Додека „ѓаволите“ бурно протестираа барајќи втор пенал по падот на Амад Дијало, домаќините извлекоа контранапад во кој Рајан Кристи погоди со прецизен удар од работ на шеснаесеттникот за 1-1.
Радоста на Борнмут траеше кратко. Само неколку минути подоцна, по еден корнер на Фернандеш, дефанзивецот на домаќините Џејмс Хил несреќно ја смести топката во сопствената мрежа за ново водство на гостите од Манчестер. Во тие моменти се чинеше дека тимот на Мајкл Карик ја има контролата врз натпреварот.
Кошмарниот финиш на Хари Мегваер
Драмата го достигна врвот на девет минути пред крајот. Хари Мегваер, кој до тој момент играше солидно, направи катастрофална грешка влечејќи го Еванилсон во сопствениот шеснаесеттник. Судијата не се двоумеше и додели директен црвен картон за Мегваер и нов пенал за Борнмут. Младиот Џуниор Крупи ја презеде одговорноста и со голема самодоверба го совлада Ламенс за конечни 2-2.
Иако Мегваер беше награден за добрата форма под водство на Карик со повик во националниот тим за мечевите против Уругвај и Јапонија, овој црвен картон фрли голема сенка врз неговиот голем ден. Јунајтед ќе жали за пропуштената шанса да ги однесе сите три бода, особено по ситуацијата со Дијало која можеше да го реши мечот многу пароно.



