Поранешниот миленик на „Олд Трафорд“, Скот Мектоминеј, кој по заминувањето во Наполи во 2024 година стана шампион на Италија, играч на сезоната во Серија А и стигна до номинација за „Златната топка“, тврди дека е премногу лесно да се обвинува Манчестер Јунајтед за падот на формата на поединците.
„Јунајтед ти дава сè за да успееш“
Во интервју за „CBS Sports“, 29-годишниот играч за врска објасни дека успехот на играчите кои го напуштиле Манчестер, како него, Антони (кој блеска во Бетис), Расмус Хојлунд (Наполи) или Маркус Рашфорд (Барселона), не е резултат на некаква магија по заминувањето, туку пред сè на стекнатата самодоверба и поголемата минутажа.
„Тоа е само изговор. Премногу е лесно да се обвинува клубот. Кога бев таму, тие направија сè за мене – од исхрана и тренинзи, до тактичка помош. Сè е подготвено за да успееш. Митот дека играчите си одат и одеднаш стануваат подобри се сведува само на самодоверба“, дециден е Мектоминеј.
Рефлекторите на „Олд Трафорд“ се пресилни
Мектоминеј, кој заврши на 18-тото место во трката за „Златната топка“ за 2025 година, смета дека огромниот притисок од британските медиуми прави секој лош настап кај „ѓаволите“ да изгледа многу полошо отколку што навистина е. Тој го зеде за пример Маркус Рашфорд, кој сезонава во дресот на Барселона има импресивни 7 голови и 11 асистенции на само 23 натпревари.
Додека неговите поранешни соиграчи Хојлунд и Рашфорд ги ревитализираат своите кариери на позајмици, Мектоминеј продолжува да доминира во Италија. Неговиот Наполи во моментов е трет во Серија А и веќе обезбеди финале во италијанскиот Суперкуп по победата над Милан во Ријад. За Шкотот, Јунајтед секогаш ќе биде местото каде што ги научил основите, а успехот во Неапол е само круна на таа работа.



