Дербито на Милано никогаш не е само натпревар, а ова издание на „Дела Мадонина“ ќе се памети по две имиња: Кристијан Пулишиќ кој ја искористи шансата, и Мајк Мањан кој едноставно одби да биде совладан. Милан славеше со 1-0 против лутиот ривал Интер, искачувајќи се на второто место во Серија А, веднаш зад лидерот Рома.
Првото полувреме беше тактичко надмудрување без многу искри, но Мањан уште тогаш најави каква ноќ ќе има. Французинот со чудесна интервенција му го „скроти“ зицерот на Лаутаро Мартинез, осигурувајќи мрежите да мируваат на паузата.
Грешката на Зомер, носот на „Капетан Америка“
Моментот на одлука пристигна веднаш на стартот на вториот дел. Алексис Салемакерс испрати незгоден удар, а обично сигурниот Јан Зомер ја испушти топката.
Таков подарок не се одбива, Кристијан Пулишиќ беше на вистинското место, реагираше како вистински предатор и од непосредна близина ја „закова“ топката во мрежата за 0-1.
ДРАМА: Мањан го доби психолошкиот дуел со „бившиот“
Интер доби совршена шанса за спас во 73-та минута. По прегледување на ВАР снимката, судијата процени дека Страхиња Павловиќ го фаулирал Маркус Турам во шеснаесеттникот. Пенал за Интер!
Топката ја зеде Хакан Чалханоглу, поранешниот миленик на „Росонерите“, сега во дресот на Интер. Турчинот биеше ниско во левиот агол, но Мајк Мањан го прочита! Францускиот голман се фрли на вистинската страна и со силна рака го одбрани ударот, фрлајќи ги навивачите на Милан во транс.
Тоа беше моментот што го скрши духот на Интер.

Рома лидер, Милан прв придружник
Со оваа огромна победа, Милан скокна на втората позиција на табелата, со само два бода заостанување зад лидерот Рома (која претходно славеше против Кремонезе со 3-1). Интер, по овој болен пораз, падна на четвртото место.
Милано вечерва е обоено во црвено и црно, а херојот носи ракавици.



