(Видео) МЛС Плејоф: Моралез донесе победа за Њујорк, Илоски одигра 90 минути во поразот на Филаделфија

Објавено:

МЛС плејофот донесе уште едно изненадување. Екипата на Њујорк Сити ФЦ успеа да го елиминира фаворизираниот тим на Филаделфија Унион (освојувач на Supporters’ Shield) со победа од 0-1 на гостинскиот „Субару Парк“.

Оваа победа значи дека во финалето на Источната конференција ќе гледаме пресметка помеѓу Њујорк Сити и Интер Мајами на Лионел Меси на 29. ноември.

Моралез прецизен, Фрис „волшебен“ на голот

Натпреварот беше решен во 27. минута кога ветеранот Макси Моралез (38) ја круниса брзата акција на гостите и со прецизен удар погоди за 0-1.

Сепак, епитетот играч на натпреварот го понесе голманот на Њујорк, Мет Фрис. Поранешниот чувар на мрежата токму на Филаделфија, имаше неколку клучни интервенции, вклучувајќи и спектакуларни одбрани во финишот со кои ја зачува мрежата чиста.

Илоски активен цел меч, Фрис му го скрати славјето во 92-ра

За домашниот тим, целиот натпревар го одигра фудбалерот со македонско потекло, Милан Илоски. Тој беше дел од стартната постава и остана на теренот до самиот крај, обидувајќи се да го спаси својот тим од елиминација.

Илоски беше еден од поактивните поединци кај Филаделфија. Имаше обид во 29. минута кој беше блокиран, како и удар во 39. минута кој заврши покрај голот. Најголемата шанса за израмнување ја имаше длабоко во судиското надополнување (92. минута), кога биеше од далечина, но Мет Фрис со крајни напори го одбрани неговиот удар во горниот десен агол.

Со овој пораз завршува сезоната за Илоски и Филаделфија, додека Њујорк продолжува кон сонот за титулата.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено