Натпреварите од осминафиналето во Лигата на шампионите секогаш носат висок интензитет, но вечерашниот дуел во Истанбул започна со момент кој ги надмина спортските рамки. Пред почетокот на мечот против Ливерпул, навивачите на Галатасарај му оддадоа уникатно признание на својот напаѓач Виктор Осимен, посветувајќи му ја целата кореографија на неговото семејство.
Порака која го „скрши“ нигерискиот голгетер
На едната трибина беше подигнато огромно платно со ликот на Осимен и неговата покојна мајка, придружено со натписот: „НИЕ СМЕ СЕМЕЈСТВО, А СЕМЕЈСТВОТО Е СЀ“.
Оваа гестикулација на домашната публика предизвика емотивна реакција кај Нигериецот, кој не успеа да ги задржи солзите додека траеше химната на Лигата на шампионите. За Осимен, кој ја изгубил мајка си уште како дете во Лагос и морал да продава вода на улица за да преживее, ова беше јасен сигнал за поддршката која ја ужива во Турција.
An emotional Victor Osimhen goes over to the fans to thank the fans after seeing the tifo… 🥹
— Football Away Days (@FBAwayDays) March 10, 2026
He lost his mother at a young age. What a touching tribute. ❤️pic.twitter.com/O2I35fIk1c
Професионален одговор на теренот
Иако видно потресен пред првиот свиреж, Осимен покажа исклучителна професионалност штом започна натпреварот. По одлучувачкиот гол против Јувентус во претходното коло, тој повторно беше клучната алка во нападот на Галатасарај.
Токму по негова асистенција во првото полувреме, Марио Лемина успеа да го постигне првиот гол во дуелот против Ливерпул. И покрај интересот од најголемите европски клубови, Осимен со овој настап потврди дека во моментов е целосно фокусиран на успехот со турскиот гигант во елитното натпреварување.




