Њукасл пропушти златна шанса да се пробие меѓу првите пет екипи во Премиер лигата, откако одигра само 0-0 на гостувањето кај последнопласираниот Вулвс. Тимот на Еди Хау, кој се бори за место во Лигата на шампионите, делуваше безидејно и без инспирација во натпревар кој мораше да го добие ако сака да се смета за сериозен кандидат за елитното друштво.
Нападот на „Страчките“ е во сериозна криза
Најголемите критики по мечот одат на сметка на скапо платениот Германец, Ник Волтемаде. Напаѓачот вреден 69 милиони фунти, кој ветуваше многу по дебито токму против Волвс во септември, сега е во очајна серија – има постигнато само 3 гола на последните 19 натпревари. Неговата немоќ беше симбол за целата игра на Њукасл, кои својот прв директен шут во рамките на голот го упатија дури во 85-та минута.
„Ако сакаш ЛШ, мораш да ги тепаш Волвс“
Иако домаќините се заковани на дното со 14 бода заостанување од зоната за опстанок, тимот на Роб Едвардс покажа нова организација и борбеност. Сепак, тоа не е оправдување за Њукасл. Со напаѓачкиот потенцијал со кој располага Хау и опциите на клупата, недозволиво е да не се креираат повеќе шанси против тим кој немаше победа во воведните 19 кола.
Младиот Матеус Мане беше постојана закана за голот на Ник Поп, додека на спротивната страна Жозе Са со доцни интервенции ги спречи обидите на Гимараеш и Жоелинтон. На крајот, Њукасл се искачи само за една позиција (осми), но со горчлив вкус дека тимовите кои целат кон врвот не смеат да си дозволат вакви „бледи“ попладневни изданија.



