(Видео) Нигерија и ДР Конго во битка за СП 2026: Епски пресврти и шокантна елиминација на „Лавовите“

Објавено:

Патот до Светското првенство 2026 никогаш не бил потежок и подраматичен. Африканскиот плеј-оф во Рабат донесе фудбалски трилер, продолженија, голови во последна секунда и едно големо финале кое ќе одлучи кој продолжува да сонува.

Во недела, Нигерија и ДР Конго ќе се судрат во директна битка за место во Интерконтиненталниот бараж. Еве како стигнаа до таму.

Осимен се разбуди кога беше најтешко

Натпреварот помеѓу Нигерија и Габон беше вистинска драма. „Супер Орлите“ поведоа преку Акор Адамс (78′), но Марио Лемина ги шокираше во 89. минута и го одведе натпреварот во продолженија.

Таму, конечно, на сцена стапи Виктор Осимен. Напаѓачот на Галатасарај, кој промаши зицер во регуларниот дел, експлодираше во дополнителните 30 минути. Прво Чидера Еџуке ја врати предноста, а потоа Осимен со два гола (102′ и 110′) стави точка на мечот за конечни 4-1.

Нигеријците, кои имаа турбулентна недела со бојкоти поради неисплатени бонуси, покажаа карактер кога беше најпотребно.

Шок за Камерун во судиското надополнување!

Во другото полуфинале, ДР Конго приреди вистинска сензација елиминирајќи го моќниот Камерун со 1-0.

„Нескротливите лавови“ доминираа, Андре Онана бранеше сè, но во 93. минута се случи моментот на одлука. Капитенот Шансел Мбемба се најде на вистинското место по корнер и ја затресе мрежата за ерупција на „Леопардите“.

Извор: https://www.cafonline.com/

Финале: „Орли“ против „Леопарди“

В недела во 20:00 часот, Рабат ќе биде центарот на африканскиот фудбал. Победникот од дуелот Нигерија – ДР Конго патува во Интерконтиненталниот бараж во март, каде ќе се бори за една од последните визи за Мундијалот 2026.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено