Ако мислевте дека Манчестер Јунајтед го допре дното, размислете повторно. Во натпревар кој требаше да биде „лесна прошетка“ за четата на Рубен Аморим, „Црвените ѓаволи“ успеаја да одиграат само 1-1 против убедливо најлошиот тим во лигата, Вулверхемптон.
Ова не е само кикс, ова е историски срам – Вулвс пристигнаа на „Олд Трафорд“ со серија од 11 порази по ред во Премиер лигата, но си заминаа со бод во џебот.
Аморим „експериментира“, навивачите свират
Јунајтед, кој беше десеткуван од повреди и отсуства (без 8 првотимци), поведе среќно во 27-тата минута. Џошуа Зиркзе упати удар кој се одби од блокот и заврши во мрежата за 1-0.
Но, наместо да го „дотепаат“ противникот кој е закован на дното, домаќините дозволија шок пред полувремето. Во 45-тата минута, по корнер, одбраната на Јунајтед заспа, а Ладислав Крејчи беше оставен сам на втората статива и со глава израмни на 1-1.
Невил грми: „Ова е чекор назад!“
Легендата на клубот, Гери Невил, не штедеше критики за тактиката на Аморим, кој повторно се врати на формација со тројца во одбраната.
„Тие отидоа чекор назад. Не ми е јасно зошто менуваа кога играа подобро со четворица позади. Ова беше навистина лоша претстава, Вулвс веројатно беа и подобриот тим во првиот дел“ – изјави разочараниот Невил.
Иронијата на судбината
Најголемиот пораз за навивачите на Јунајтед вечерва не е само резултатот, туку и коментарите на социјалните мрежи. Само пред неколку дена, фановите на Јунајтед се смееја што Ливерпул „едвај“ ги победи Вулвс со 2-1. Вечерва, кармата си го направи своето, Јунајтед не успеа ниту да победи.
На крајот, свирежи го испратија тимот на Аморим, кој наместо да ја заврши 2025 година во топ 4, останува заглавен на 6-тата позиција. Вулвс, и покрај херојскиот бод, остануваат последни со огромни 15 бода заостанување од зоната за спас.



