Екипата на ГРК Охрид на најдобар можен начин стави точка на есенскиот дел од ракометната Суперлига. Во рамките на 18. коло, „гладијаторите“ демонстрираа апсолутна доминација на гостувањето против РК Радовиш, славејќи со убедливи 14-37.
Оваа победа ја потврди третата позиција на табелата за охриѓани пред зимската пауза, заокружувајќи ја, според зборовите на самиот клуб, „најдобрата полусезона во историјата“.
Тренинг натпревар за момците на Ројевиќ
Разликата во квалитет беше видлива од првата минута. Охрид брзо се одлепи резултатски, дозволувајќи му на домаќинот само 7 погодоци во првото полувреме (7-15).
Второто полувреме се претвори во егзебиција. Додека одбраната на гостите, предводена од голманите Пилиповиќ (9 одбрани) и Ѓорѓески (8 одбрани), функционираше беспрекорно, нападот беше немилосрден.
„Убедлива победа за крај на годината! ГРК Охрид го совлада Радовиш со 23 разлика“, истакнаа од клубот по натпреварот.
Кукуловски и Лиапис незапирливи
Во напаѓачкиот дел, најефикасни во победничкиот табор беа Дејан Кукуловски и Николаос Лиапис со по 7 погодоци. Одлична поддршка имаа од Никола Ристески и Иван Тасески кои постигнаа по 5 гола.
Кај домашниот тим на Радовиш, кој останува на дното на табелата, единствена светла точка беше Филип Трајанов со 4 погодоци.
Охрид заминува на пауза со импресивен скор од 14 победи, едно реми и само три порази.



