Натпреварите од Лигата на Шампионите и Премиер лигата повторно се слушаат на македонски јазик! Ова е одлична вест за сите љубители на фудбалот кај нас, но како и секој голем проект на почетокот, не оди сè совршено подмачкано.
На социјалните мрежи изминатиов период сведочиме на вистинска лавина од негативни коментари упатени кон македонските коментатори. Ние на Спортска Станица целосно ги разбираме потешкотиите со кои се соочуваат – не е лесно преку ноќ да се влезе во ритамот на овие елитни натпреварувања по повеќе од една деценија пауза. Знаеме дека како што ќе одминува времето, така ќе стануваат сè подобри.
Но, за момент да се префрлиме во нашата TrollStation категорија и да се пошегуваме на туѓа, а богами и на наша сметка. Видеото кое стана апсолутен хит на интернет изминативе денови совршено ја опишува ситуацијата кога новинар малку ќе „забега“ со информациите, а од другата страна го има никој друг туку – Жозе Мурињо.
Новинарката прашува, Мурињо „уништува“
За време на прес-конференција, новинарка му се обрати на „Специјалниот“ со констатација која требаше да звучи како голем комплимент:
„Убаво е што Ве имаме повторно овде во Лигата на Шампионите, се чинеше како никогаш да не сте заминале!“
Мурињо, со својот препознатлив ладен израз на лицето, мртов ладен ѝ одговори:
„Па, јас играв тука и минатата сезона со Бенфика.“
🚨Journalist: "It’s nice to have you back in the Champions League here, it felt like you never left”
— Polymarket Sports (@PolymarketSport) September 10, 2026
Mourinho: "I played last season here with Benfica" pic.twitter.com/Dr6EMHqroT
Интернетот, нормално, експлодираше. „Како да кажеш дека не гледаш фудбал, без да кажеш дека не гледаш фудбал?“, е само еден од илјадниците коментари на социјалните мрежи.
Наш став: Грешки се случуваат. И на најдобрите светски новинари, и на нашите македонски коментатори. Важно е фудбалот да се тркала и Лигата на Шампиони да се слуша на мајчин јазик. А Мурињо? Тој секогаш ќе биде тука да нè потсети колку не знаеме.



