Големото дерби на англискиот фудбал меѓу Арсенал и Ливерпул заврши без победник и без голови (0-0), резултат кој најмногу ги израдува ривалите во трката за титулата. Иако „топџиите“ имаа златна шанса да се одлепат на осум бодови предност на врвот, тие не успеаја да го скршат отпорот на мотивираниот состав на Арне Слот.
По киксовите на Манчестер Сити и Астон Вила претходниот ден, тимот на Микел Артета влезе во мечот со огромен мотив, но десеткуваниот Ливерпул покажа зошто е во серија од девет меча без пораз.
Арсенал доминираше, гредата го спаси Раја
Домаќините беа подобри во првото полувреме, ја контролираа топката и константно притискаа, но им недостигаше завршен удар. Сепак, најголемата шанса во првиот дел ја имаше Ливерпул. По едно големо недоразбирање меѓу голманот Давид Раја и Вилијам Салиба, младиот Конор Бредли се обиде со лоб-удар, но топката за среќа на лондончани заврши во пречката.
Ливерпул, кој настапи без повредениот Хуго Екитике и без класичен напаѓач, беше многу поопасен во второто полувреме. Избраниците на Слот во неколку наврати сериозно се заканија, но ниту тие не успеаја да ја затресат мрежата на „Емирати“.
Арсенал останува лидер со +6
И покрај ремито, Арсенал останува на чело на табелата со шест бодови предност пред своите најблиски следбеници. Од друга страна, Ливерпул ја задржа четвртата позиција и покажа дека дури и во комбиниран состав може да му парира на најдобриот тим во лигата во моментов.



