(Видео) Поразот од Челси беше кобен: Анге Постекоглу доби отказ 20 минути по натпреварот!

Објавено:

Драмата во Нотингем Форест ја доживеа својата кулминација. На само дваесетина минути по последниот судиски свиреж и убедливиот пораз од Челси со 0:3, раководството на клубот му врачи отказ на менаџерот Анге Постекоглу.

Ова е крај на една кратка, но турбулентна етапа, во која Австралиецот не успеа да забележи ниту една победа на осум натпревари. Поразот од Челси беше само последната капка што ја прели чашата, иако резултатот не ја отсликува реалната слика од теренот.

Промашувањата на Нотингем, бруталната казна на Челси

Неверојатно звучи, но во првото полувреме, Нотингем Форест беше далеку подобар противник. Предводени од енергијата од трибините, тие создадоа неколку стопроцентни шанси преку Таиво Авонији, Елиот Андерсон и Морган Гибс-Вајт, но едноставно не можеа да ја погодат мрежата.

Казната за промашувањата беше брутална и стигна веднаш по паузата. Во 49-тата минута, младиот Џош Ачемпонг погоди со глава по една нафрлена топка. Само три минути подоцна, Педро Нето со прекрасен гол од слободен удар зголеми на 0:2. Во тој момент, сопственикот на клубот, Евангелос Маринакис, го напушти своето место на трибините и повеќе не се врати, тоа беше јасен знак за тоа што следува.

Конечниот резултат го постави капитенот Рис Џејмс во 84-тата минута, повторно по прекин. Челси го заврши натпреварот со играч помалку, откако Мало Густо доби црвен картон, но тоа не промени ништо.

Зошто Анге доби отказ? Проблемот со прекините и тврдоглавоста

Иако многумина го бранат Постекоглу, велејќи дека не може тој да ги реализира шансите, факт е дека неговите тимови имаат еден хроничен проблем, одбраната од прекини. Сите три гола на Челси дојдоа по прекин, а според статистиката, Нотингем Форест под негово водство има примено двојно повеќе голови од прекини од било кој друг тим во лигата. “Можеш да имаш милион изговори, но прекините се работа на тренерот, а тој целосно потфрли”, гласи еден од коментарите.

На крајот, експериментот со “Анге-бол” во Нотингем заврши неславно. Навивачите се бесни, сопственикот е разочаран, а клубот е на само еден бод од зоната за испаѓање.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено