(Видео) Потоп на „Енфилд“: ПСВ го понижи Ливерпул со 1-4, кризата на Слот е без дно!

Објавено:

Ливерпул тоне и крајот не се гледа. Она што требаше да биде европско бегство од домашните проблеми се претвори во кошмарна ноќ на „Енфилд“. ПСВ Ајндховен пристигна во Англија и си замина со убедлива победа од 1-4, нанесувајќи му го на Ливерпул деветтиот пораз во последните 12 натпревари. Ова е официјално најцрната серија на „Црвените“ уште од далечната 1953 година.

Кошмарот започна рано, со несфатлива грешка на капитенот. Вирџил ван Дајк непотребно играше со рака во шеснаесеттникот во обид да изнуди фаул, а Иван Перишиќ смирено го реализираше пеналот за водство на гостите.

Ливерпул накратко покажа знаци на живот. Десет минути подоцна, Доминик Собослаи израмни на 1-1, откако се најде на вистинското место по одбраната на голманот Ковар по ударот на Коди Гакпо. Се чинеше дека домаќините преземаат контрола, Ван Дајк ја погоди и пречката, но тоа беше само лажна надеж.

Во вториот дел, одбраната на Ливерпул едноставно капитулираше. Гус Тил ја врати предноста за Холанѓаните по одличниот пас на Мауро Жуниор, а Милош Керкез не успеа да го спречи погодокот.

Вистинскиот шок следеше во финишот. Резервистот Кухаиб Дриуех стана херој на вечерта за ПСВ. Тој прво ја искористи лошата реакција на Ибрахима Конате за да зголеми на 1-3, а потоа длабоко во судиското надополнување, по една брза акција, го постави конечниот резултат и го запечати дебаклот на домаќините.

Сцените на крајот беа болни за гледање. Навивачите масовно го напуштаа стадионот уште пред последниот судиски свиреж, а оние што останаа го испратија менаџерот Арне Слот и играчите со силни свирежи.

Мохамед Салах повторно беше непрепознатлив и промаши чиста шанса, а загрижувачка е и повредата на Уго Екитике, кој беше заменет од Александар Исак, но и Швеѓанецот не донесе никаква промена во безличната игра.

Со овој пораз, Ливерпул падна на 13-тото место во Лигата на шампионите, а Арне Слот сега се соочува со најтешките прашања за својата иднина на клупата.


Следете нè: Facebook | Instagram | X 

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено