Фудбалот не се само головите и победите, туку и спомените врежани во местата каде што сме ги поминале најсреќните и најтажните моменти. Со преселбата на Евертон на новиот стадион кај „Брамли-Мур Док“, навивачите на овој култен клуб добија шанса каква што се укажува еднаш во животот да поседуваат физички дел од својот втор дом, легендарниот стадион „Гудисон Парк“.
На социјалните мрежи стана вирално емотивното видео на еден долгогодишен навивач на „карамелите“, кој по неколкумесечно чекање, конечно на својата домашна адреса го доби својот оригинален стол од трибините на стадионот кој беше дом на Евертон цели 133 години.

„Гранд Олд Лејди“ во луксузно пакување
Она што го прави овој сувенир посебен не е само самиот стол, туку начинот на кој клубот се погрижи да ја зачува неговата вредност. Бидејќи старите седишта беа монтирани на метални шипки и не можат самостојно да стојат, секој навивач го добива своето парче во специјално дизајнирана, персонализирана кутија.
Покрај автентичното седиште, кое можеби видело историски победи, голови во последната минута или тешки порази, навивачите добиваат и сертификат за автентичност, потврдувајќи дека тоа не е само обична пластика, туку дел од срцето на Ливерпул.
Столчиња со приказна од 1926 година
За многумина овие седишта имаат непроценлива вредност. Некои од нив потекнуваат од трибината „Bullens Road“, која остана непроменета уште од далечната 1926 година, додека други се дел од култниот „Gwladys Street“, местото каде што најверните навивачи со децении вршеа притисок врз противничките голмани.
Иако продажбата почна во мај 2025 година, фановите мораа да почекаат до крајот на оваа година за внимателно извадените и исчистени седишта да стигнат до нивните домови. За овој навивач од видеото, како и за илјадници други, овие 90 фунти не беа трошок, туку инвестиција во спомен кој ќе се пренесува на следните генерации „Евертонијанци“.
„Гудисон Парк“ можеби наскоро ќе замине во историјата, но неговиот дух сега живее во дневните соби на неговите најверни поддржувачи.




