Бирмингем го добива својот нов симбол. Фудбалскиот клуб Бирмингем Сити го претстави планот за „Powerhouse Stadium“, фудбалски колос со 62.000 седишта кој треба да стане срцето на целосната трансформација на градот и нова пресвртница во историјата на клубот.
Објектот, кој ќе се издигнува во Бордсли Грин, е замислен како „тотем на извонредност“ – зборови на претседателот Том Вагнер, кој на премиерата објасни дека стадионот ќе биде видлив дури од 40 милји оддалеченост. Модерен, масивен, но истовремено вкоренет во индустриското наследство на западниот регион.
A momentous day in the Club's history. 🏟️
— Birmingham City FC (@BCFC) November 20, 2025
We are proud to unveil the designs for our NEW 62,000-capacity stadium, developed by the world-renowned Heatherwick Studio and MANICA Architecture. pic.twitter.com/99dQG09ZC1
Највпечатливиот детаљ секако се дванаесетте оџаци што ќе го опкружуваат стадионот. Тие се директна инспирација од старата циглана што некогаш стоела на оваа локација, а денес стануваат конструктивни столбови што го држат кровот. Во една од нив ќе има и стеклен лифт што ќе води до бар со панорамски поглед кон градот, место што, без сомнение, ќе стане хит уште пред првиот свиреж.
Стадионот ќе има движечки кров, подвижен терен и десетици простории што ќе живеат и кога нема натпревари: кафулиња, ресторани, пазари, зони за деца. Замислен е како жив организам, како кварт што пулсира секој ден. Амбицијата е секоја трибина, секој чекор и секој звук да ја засилат атмосферата на денот на мечот, со дизајн кој е создаден така што енергијата се враќа на теренот како бран.

Претставувањето беше спектакл само по себе. Во промотивното видео се појавија Џуд Белингем, детето од Бирмингем што денес е европска ѕвезда, и легендарниот Артур Шелби од „Peaky Blinders“. За клуб кој слави 150 години постоење, подобар начин да се влезе во новата ера едноставно не постои.
„Powerhouse Stadium“ ќе биде сидрото на идниот спортски кварт, проект што опфаќа спортски објекти, хотели, станбени комплекси, зеленило и нови забавни зони. Владата веќе најави огромна инвестиција од 2.4 милијарди фунти во транспортната инфраструктура, а Вагнер планира вкупно вложување до 3 милијарди фунти, што ќе донесе илјадници нови работни места. Целта е стадионот да биде завршен до сезоната 2030/31.

Архитектот Томас Хетервик детално го сумираше духот на проектот: „Премногу стадиони изгледаат како вселенски бродови што слетале на погрешно место. Овој расте од самиот Бирмингем“. Токму тоа е идејата – стадион што не го прекинува градот, туку го продолжува. Место што е дом, не само арена.
Сепак, мислењата во јавноста за изгледот со оџаците се поделени. Некои велат дека за промена се добива уникатен изглед на стадион кој е во духот на градот, други пак, критикуваат дека стадионот изгледа „грдо, смешно и чудовишно“.




