Фудбалскиот петок донесе возбудливи натпревари во три од топ-5 лигите, а најголемата драма се случи на “Сан Сиро”, каде аутсајдерот Пиза за малку ќе го победеше големиот Милан. Во Шпанија, Микел Ојарзабал беше херој за Сосиедад, додека во Германија еден еврогол беше доволен за победа.
Милан 2 – 2 Пиза
Вистински шок на “Сан Сиро”! Лидерот Милан се спасуваше од пораз против “фенерџијата” Пиза во натпревар полн со пресврти. Рафаел Леао донесе рано водство, но гостите направија сензационален пресврт преку Хуан Квадрадо (пенал) и М’Бала Нзола. Кога се чинеше дека се ближи катастрофа, младиот Закари Атекаме со гол во 93-тата минута, по асистенција на Модриќ, спаси барем еден бод за „росонерите“.
Реал Сосиедад 2 – 1 Севилја
Капитенот Микел Ојарзабал беше херој за Реал Сосиедад во важната победа над Севилја. Тој постигна два гола во првото полувреме, првиот од пенал во 19-тата минута, а вториот со прекрасен удар во 36-тата, веднаш откако Немања Гудељ израмни за гостите. Со оваа победа, баскискиот тим конечно излезе од опасната зона на табелата.
Вердер Бремен 1 – 0 Унион Берлин
Натпреварот во Бремен го реши еден момент на магија. Во тврд и израмнет дуел, победникот беше одлучен во 72-та минута, кога Марко Грил постигна апсолутен еврогол. Австриецот со прекрасен удар со левата нога ја смести топката во спротивниот агол, за голема победа на Вердер.


