14.8 C
Skopje

(Видео) Првенецот на Миовски значаен за победата на Ренџерс!

Објавено:

Нашиот репрезентативец Бојан Миовски има одличен камбек во шкотската лига во големиот клуб Глазгов Ренџерс. Откако се приклучи на шкотскиот гигант ова лето, Миовски е во стартниот тим, а денес ја оправда довербата и со првиот гол.

Миовски стрелаше за 2:0, што беше и конечниот резултат за победата на Ренџерс над Хибернијан и влез во полуфиналето на шкотскиот Лига куп.

Штипјанецот успеа да постигне уште еден погодок, но истиот беше поништен поради офсајд по ВАР прегледот. Сепак, добро е што Миовски се враќа во голгетерска форма и што има многу одиграни минути пред клучните натпревари од квалификациите за Светското првенство.

Победата би требало да ги смири малку страстите на навивачите, кои денес пред стадионот и на трибините протестираа барајќи отказ на тренерот Расел Мартин. Во еден момент, како дел од протестот тие фрлија и топчиња на теренот, по што играта мораше да биде прекината на кратко.

Пред мечот, тренерот за медиумите даде изјава: “Не можам да контролирам ништо друго. Тоа е што е. Но, навистина сум возбуден за натпреварот и имаме шанса да бидеме во полуфиналето после ова”.

Дали тренерот ќе биде променет во наредниот период и како ова ќе влијае на минутажата на новодојдениот Миовски, останува да видиме. Но, дотогаш се надеваме дека Бојан ќе успее да се докаже со уште многу голови во наредните мечеви за да го обезбеди своето место во тимот.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено