Уште една возбудлива ноќ за љубителите на Лигата на шампионите, која донесе некои неочекувани резултати, квалитетни дуели и пресврти кои ја шокираа домашната публика.
Барселона 1-2 ПСЖ
Барселона го доживеа првиот пораз и тоа на домашен терен од големиот ривал ПСЖ. Французите успеаја да дојдат до пресврт на Монтжуик, па од негатива од 1-0, на крајот стигнаа до победата од 1-2.
Каталонците имаа неколку неискористени шанси, но сепак не можеа да сторат многу против одличната одбрана на тимот на Луис Енрике. Резултатот во 19-та минута го отвори Феран Торес, но до паузата гостите успеаја да израмнат преку голот на Сени Мајулу во 38-та минута.
Сепак, за болката да биде поголема, крај на каталонските надежи барем за бод стави Гонсало Рамос со погодок во 90-та минута.
Наполи 2-1 Спортинг
Италијанскиот шампион дојде до посакуваната прва победа на домашен терен благодарение на одличното дуо на теренот Де Брујне – Хојлунд. Тие во вечерашниот дуел го пречекаа португалскиот Спортинг од Лисабон.
Иако гостите започнаа силно во самиот старт на натпреварот, Наполи полека но сигурно влегуваа во подобар ритам, па после целиот притисок од страна на Спортинг Де Брујне успеа да ја додаде топката до Хојлунд кој го отвори резултатот во 36-та минута.
После паузата гостите изедначија преку пеналот кој го реализираше Луис Суарез во 62-та минута, но радоста на домашните навивачи пристигна во 79-та минута, повторно преку Хојлунд.
Арсенал 2-0 Олимпијакос
Арсенал дојдоа до својата втора победа сезонава во Лигата на шампионите, откако вечерва на домашен терен го совладаа тимот на Олимпијакос. “Топџиите” дојдоа до водство со раниот погодок на Габриел Мартинели, а вториот погодок дојде во самата завршница преку Букајо Сака кој влезе во игра од клупата.
Сепак, тимот на Артрета имаше неколку ситуации во текот на мечот кога не покажаа преголема сигурност, а еден од моментите кои предизвика страв од изедначување на резултатот беше погодокот на Олимпијакос, кој потоа беше поништен поради офсајд.
Монако 2-2 Манчестер Сити
Ниту извонредниот Ерлинг Халанд не беше доволен за Манчестер Сити да извлече повеќе од бод на вечерашното гостување кај Монако. Иако се чинеше дека тимот на Пеп Гвардиола ќе дојде до победата, сепак доцниот пенал во 90-та минута значеше конечен нерешен резултат од 2-2.
Халанд го отвори резултатот уште во 15-та минута, но само три минути подоцна домаќините вратија преку Тезе за израмнување од 1-1. Халанд повторно донесе водство за Сити во самата завршница на првото полувреме, но сепак не успеа да дојде до хет-трик и можна победа во Монако.
Дортмунд 4-1 Атлетик
Германците беа сигурни пред “жолто-црниот” ѕид, па со убедлив резултат го совладаа Атлетик од Билбао. Фудбалерите на Борусија Дортмунд доминираа во вечерашниот дуел, што може да се види и од конечниот резултат од 4-1.
Виљареал 2-2 Јувентус
И Јувентус не успеа да дојде до посакуваната победа на гостувањето кај Виљареал, откако примија гол во 90-та минута преку Ренато Веига. Иако се чинеше дека “Старата дама” го комплетираше пресвртот откако губеа со 1-0 на почетокот на натпреварот, сепак на крај двата тима си ги поделија бодовите.
Бајер Леверкузен 1-1 ПСВ
Уште еден изедначен резултат и поделба на бодовите имаше и на дуелот меѓу Леверкузен и ПСВ. Домашните успеаја да го отворат резултатот дури во 65-та минута, но радоста на навивачите не траеше долго бидејќи неколку минути подоцна го примија голот за изедначување и конечни 1-1.