Претпоследното коло во шпанската Ла Лига донесе неверојатна драма, клучни победи и натпревари кои долго ќе се паметат. Додека Реал Мадрид со хируршка прецизност ги однесе бодовите од Андалузија, нашиот репрезентативен голман Столе Димитриевски и неговата Валенсија режираа епски триумф во Сан Себастијан со кој и официјално обезбедија опстанок во елитата.
Севиља 0-1 Реал Мадрид: Винисиус го реши дербито, Куртоа со несовладлив ѕид на голот!
Екипата на Реал Мадрид, предводена од Алваро Арбелоа, оствари минимална, но исклучително вредна победа на тешкото гостување кај Севиља со 1-0. Натпреварот го одбележа и големиот јубилеј на Дани Карвахал, кој го одигра својот 450-ти натпревар во белиот дрес.
Домаќините започнаа многу поостро, а Тибо Куртоа уште во 5-та минута мораше да прави спектакуларна одбрана по силниот удар на Осо. Сепак, класата на „кралевите“ пресуди во 15-та минута. Брахим Дијаз испрати одличен центаршут во шеснаесеттникот, Килијан Мбапе мајсторски ја смири топката со гради, а на неа налета Винисиус Жуниор, кој со прецизен удар со десна нога го совлада Одисеас за 1-0. Пред крајот на првиот дел, Мбапе ја погоди и стативата.
Во второто полувреме, натпреварот се претвори во отворена војна со безброј шанси на двете страни. Севиља притискаше со сите сили, но Куртоа беше едноставно несовладлив, забележувајќи две клучни одбрани во финишот по ударите на Акор и Исак. Во судиското продолжение, белгискиот голман со уште една одлична интервенција по ударот на Кике Салас го запечати триумфот на Реал Мадрид.
Реал Сосиедад 3-4 Валенсија: Епски пресврт со играч помалку и нестварен гол во 94-та за спас на „лилјаците“!
Вистинско фудбалско лудило со дури седум гола се одигра на „Аноета“, каде Валенсија со нестварен пресврт го совлада Реал Сосиедад со 4-3 и дефинитивно го завери опстанокот во Ла Лига. Македонскиот голман Столе Димитриевски имаше полни раце работа на овој натпревар кој се одигра под пороен дожд.
Домаќините почнаа фуриозно и поведоа во 3-та минута со автоголот на Нуњез, но Валенсија експресно одговори. Прво Хави Гера израмни на 1-1, а потоа Хуго Дуро донесе целосен пресврт за 2-1 по одличната тимска акција. Пред паузата, Димитриевски ја покажа својата класа и со брилијантна одбрана по ударот на Оскарсон спречи израмнување.
Вториот дел донесе вистински шок за Валенсија. Најпрво Тарега си постигна автогол за 2-2, а веднаш потоа Оскарсон погоди за водство на Сосиедад од 3-2. Колапсот изгледаше комплетен во 70-та минута кога Џемерт доби црвен картон, оставајќи ја Валенсија со фудбалер помалку на теренот. Но, тогаш проработе карактерот на „лилјаците“.
Во 89-та минута, по изведениот корнер, Гвидо Родригез со моќен удар со глава израмни на 3-3. Кога сите очекуваа поделба на бодовите, во 94-та минута Валенсија организираше молскавичен контра-напад – Тјери Кореја испрати повратна топка, а Хави Гера со својот втор гол ја закова топката во мрежата за нестварни 4-3 и тотален делириум на клупата и важни три бода на табелата.



