Фудбалерите на Реал Мадрид се пласираа во финалето на шпанскиот Суперкуп, откако во уште еден драматичен мадридски судир го совладаа Атлетико Мадрид со 2-1. Избраниците на Чаби Алонсо покажаа шампионски карактер во Џеда, па иако „јорганџиите“ доминираа во добар дел од мечот, „кралевите“ беа тие што ги искористија своите шанси.
Проектил на Валверде и мајсторија на Родриго
Натпреварот не можеше да започне подобро за Реал. Уште во 2-та минута, Федерико Валверде испрати вистински „проектил“ од слободен удар од над 30 метри, оставајќи го Јан Облак без никаква шанса за интервенција.
🧭 108 km/h@fedeevalverde pic.twitter.com/viYrIO8892
— Real Madrid C.F. (@realmadrid) January 8, 2026
Атлетико одговори со силен притисок, но Тибо Куртоа уште еднаш потврди дека е во врвна форма, бранејќи ги ударите на Баена и Сорлот. Казната за промашувањата на тимот на Симеоне стигна во 55-та минута, кога Родриго по една соло-акција и мајсторски дриблинг зголеми на 2-0.
✨ Tres toques. Tres toques de pura calidad.@RodrygoGoes pic.twitter.com/2lhd3Azlvm
— Real Madrid C.F. (@realmadrid) January 8, 2026
Сорлот донесе надеж, но не и пресврт
Само три минути подоцна, Александер Сорлот со силен удар со глава по центаршутот на Џулијано Симеоне намали на 2-1 и ја врати неизвесноста. До крајот на мечот Атлетико се обидуваше на секој начин да стигне до израмнување, Гризман дури се обиде и со „ножички“, но одбраната на Реал издржа.
Четврто по ред Суперкуп финале против Барселона!
Со оваа победа, Реал Мадрид закажа нова пресметка со Барселона во неделното финале. Ова ќе биде четврта година по ред како најголемите шпански ривали се борат за трофејот во Суперкупот. „Кралевите“ ќе бараат одмазда за минатогодишниот пораз од 5-2 во финалето и ќе се обидат да стигнат до својот 14-ти пехар во ова натпреварување.



