(Видео) Реал Мадрид се спаси кај Елче со два спорни гола: крвав нос, игра со рака и реми!

Објавено:

Реал Мадрид на хартија е лидер во Ла Лига, но на теренот изгледа како тим што очајно бара помош за да остане таму. Тимот на Чаби Алонсо трет натпревар по ред не знае за триумф, а вечерва на „Мартинез Валеро“ избегна пораз од храбриот Елче (2-2) во натпревар кој ќе предизвика лавина реакции поради одлуките на судиите и ВАР-собата.

Домаќинот, иако се бори за опстанок, му одржа лекција на скапиот состав од Мадрид. Елче водеше двапати, играше без страв, но на крајот „Кралскиот клуб“ си замина со бод кој многумина ќе го наречат „подарок“.

„Ла Фабрика“ го казни Реал

Иронијата на вечерта беше што џелатите на Реал беа токму нивните „деца“. Казната за промашувањата на Мбапе стигна во 53-та минута. По прекрасна акција, поранешниот играч на Реал, Алеиш Фебас, го матираше Куртоа за 1-0. Иако Реал израмни, Елче повторно шокираше во 84-та минута преку уште еден екс-мадридиста, Алваро Родригез, кој испрати „бомба“ за 2-1. Во тој момент, Елче беше пред сензација.

Прва дамка: Белингем играше со рака?

Враќањето на Реал во игра започна во 78-та минута, но не без прашалници. По корнер, Џуд Белингем скокна на висока топка која стигна до Дин Хујсен за 1-1. Но, забавените снимки покажаа тенок контакт на топката со раката на Белингем при скокот. Домаќините бурно реагираа, но ВАР-собата процени дека движењето е „природно“ и голот беше признат. Тоа беше само најава за хаосот што следеше.

Крвавиот нос на Пења и молкот на ВАР

Најголемиот скандал се случи во 87-та минута при изедначувачкиот гол за 2-2. Настана хаос во шеснаесеттникот, при што Винисиус Жуниор влезе во директен дуел со голманот Ињаки Пења. Голманот на Елче остана да лежи на тревата со крвав нос, барајќи фаул за попречување.

Судијата не ја прекина играта, топката остана жива, Мбапе го пронајде Белингем, а тој погоди во празната мрежа. Додека домаќините протестираа покажувајќи го крвавото лице на својот голман, ВАР повторно пресуди во корист на Реал, немало доволно силен контакт за фаул.

На крајот, Елче го заврши мечот и со десетмина (црвен картон за Виктор Чуст), но Реал не успеа да ја искористи ниту таа предност за пресврт. Ова е трет кикс по ред за Алонсо. Реал се врати на првото место, но има само еден бод предност пред Барселона.


Следете нè: Facebook | Instagram | X 

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено