(Видео) Рио со гол во последната минута ги скрши срцата на Сент Џејмс Парк

Објавено:

Вечерашното финале на второто коло од Премиер лигата донесе во најмала рака интензивен, но и интересен натпревар на Сент Џејмс Парк.

Домашниот тим на Њукасл излезе за прв пат оваа сезона пред навивачите кои создадоа електрична атмосфера под рефлекторите на легендарниот стадион, но сепак крајот беше онаков каков што никој на трибините не го посакуваше – триумф на Ливерпул со гол во последните минути од мечот.

Натпреварот уште од првата минута започна тензично, а веќе по половина час игра на натпреварот беа забележани повеќе фаули отколку на било кој друг натпревар од новата сезона.

Извор: https://x.com/brfootball

Сепак, гостите први успеаја да дојдат до водство во 35-та минута, преку голот на Рајан Гравенберг, а Екитике го зголеми истото на 2:0 во самиот финиш од полувремето.

Покрај резултатски, првото полувреме не заврши според посакувањата на домашниот тим и поради црвениот картон за Гордон, играчот кој остана како единствена опција за напаѓач откако Исак одби да игра и на овој натпревар. Гордон во третата минута од судиското надополнување стартуваше над Ван Дајк, по што доби директен црвен картон и беше испратен надвор од теренот.

Но, кога сите мислеа дека ова е крај за надежите на Њукасл, на сцената настапи капитенот Бруно Гимараеш со одличен гол со глава во 57-та минута. Вистинската експлозија на трибините настана во 88-та минута, кога Осула го израмни резултатот за домаќините на 2:2.

Извор: https://x.com/NUFC

По завршувањето на регуларното време, судијата даде 11 минути надополнување, а во десеттата минута од истото, тинејџерското чудо на Ливерпул, 16 годишниот Рио Нгумоха им ја донесе победата на гостите за 3:2 и кршење на срцата на Сент Џејмс Парк.

Уште пред почетокот на сезоната пишувавме за Рио и неговиот потенцијал, а очигледно тој ги оправда сите очекувања во клубот. Ако сакате да дознаете повеќе за “чудото од дете” на Ливерпул, кликнете тука.

Погледнете ги сите најинтересни моменти и головите од натпреварот:

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено