(Видео) Рома се врати во топ 4: Суров пречек за Де Роси на „Олимпико“!

Објавено:

Рома брзо го заборави поразот од Јувентус и со убедливи 3-1 против Џенова се искачи на четвртата позиција во Серија А. Натпреварот имаше посебна емотивна тежина бидејќи легендарниот капитен на „волчицата“, Даниеле Де Роси, за првпат се врати на стадионот во Рим како тренер на противничкиот табор, но неговиот тим беше немоќен пред разиграните избраници на Џан Пјеро Гасперини.

Блиц-криг на „волчицата“ во првиот дел

Натпреварот беше решен за само половина час. Серијата голови ја отвори Матијас Суле во 14. минута, откако одлично се снајде по една грешка во одбраната на гостите. Само пет минути подоцна, Ману Коне зголеми на 2-0 по асистенција на Манчини, а неговиот удар доби незгодна девијација која го измами голманот Сомарива.

Тоталната доминација на Рома беше крунисана во 31. минута. По грешката на Малиновски, Суле шутираше, а на одбиената топка најбрз беше Еван Фергусон за убедливи 3-0 уште пред паузата.

Извор: https://x.com/OfficialASRoma

Рутинско второ полувреме и утеха за Џенова

Во вториот дел Рома свесно го намали темпото. Брјан Кристанте беше блиску до четврти погодок, но Сомарива со одлична интервенција спречи вистински дебакл на гостите. Пред самиот крај на мечот, во 87. минута, младиот резервист Екатор постигна почесен гол за Џенова, откако неговиот удар го зафати Писили и го измами Свилар за конечни 3-1.

Со оваа победа Рома го прескокна Јувентус и сега е на позиција која води во Лигата на шампионите. За Де Роси и неговата Џенова остануваат грижите, бидејќи се наоѓаат на опасното 17-то место, со само два бода над зоната за испаѓање.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено