Откако во првиот дел од интервјуто со Пирс Морган буквално предизвика земјотрес со коментарите за Манчестер Јунајтед и Меси, во вториот дел Кристијано Роналдо отиде чекор понатаму. Португалецот зборуваше за критиките, статусот „НАЈДОБАР НА СИТЕ ВРЕМИЊА“ (GOAT) и славата.
И неговите одговори, како и секогаш, беа без влакна на јазикот.
На прашањето дали сонот му е да го постигне 1000-от гол на Светското првенство следната година, Роналдо даде шокантен одговор.
„Не. Тоа не ми е сон“, изјави Роналдо. „Да го освојам Светското првенство нема да го смени моето име во историјата на фудбалот. Јас веќе имам освоено три титули за Португалија, во време кога Португалија немаше освоено ништо претходно. Дали мислите дека е фер мојата кариера да се дефинира од еден турнир од седум натпревари?“
„Полесно е да се даде гол во Шпанија отколку во Саудиска Арабија“
Роналдо директно им одговори на критичарите кои ја омаловажуваат лигата во Саудиска Арабија.
„Луѓето само бараат изговори. Секоја година јас давам сè повеќе голови. Тие велат ‘ама тоа е Саудиска Арабија’. Тие никогаш не играле тука. Саудиската лига е многу, многу подобра од португалската лига. Ќе ви кажам нешто, полесно ми беше да давам голови во Шпанија отколку што е во Саудиска Арабија“.
Тој додаде дека доколку игра во топ тим во Премиер лигата, тој сè уште би ги постигнувал истите бројки.
Одговорот за Руни и врската со пријателите
Морган го соочи Роналдо со изјавата на Вејн Руни дека Меси е подобар играч.
„Нема проблем“, одговори Роналдо. „Имавме добар однос додека игравме, но ние не сме ‘пријатели’ во таа смисла. Не сме од оние кои одат еден кај друг на вечера. Јас немам проблем со него, но за мене зборот ‘пријател’ е многу длабок збор“.
Тој потоа раскажа неверојатна приказна за лојалноста, откривајќи дека неговиот пријател од детството од академијата на Спортинг, со кого заедно чекале за бесплатни хамбургери во Мекдоналдс, денес е новиот Извршен директор на Ал-Наср.
„Никој во светот не е попознат од мене, тоа е досадно“
На крајот, разговорот се сврте кон славата. Роналдо не се штедеше ниту тука.
На прашањето кој е попознат, тој или Доналд Трамп, Роналдо беше дециден: „Јас. Мислам дека никој во светот не е попознат од мене“.
Тој дури се пошегува и на сметка на Дејвид Бекам, велејќи дека Бекам има „убаво лице“, но дека тој самиот е „Перфекто“.
Сепак, тој го заврши интервјуто со изненадувачка изјава: „Да бидам искрен, славата е досадна. Премногу е. Јас никогаш не сакав да бидам славен. Да можев да потпишам договор да го имам целиот успех, но без слава, ќе го потпишев веднаш“.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



