Арина Сабаленка потврди дека е апсолутен владетел на тениските терени во Австралија. Светската тенисерка број еден ја одбрани титулата на турнирот во Бризбејн, совладувајќи ја Украинката Марта Костјук во финалето со убедливи 6:4, 6:3 за само 79 минути игра.
Ова е трета титула за Белорусинката во Бризбејн (по 2023 и 2025 година) и нејзина 22-ра во кариерата, што претставува совршена најава за претстојниот Австралија Опен.
Демонстрација на сила и 38 победи во 40 меча
Финалето беше изедначено до резултат 4:4 во првиот сет, кога Сабаленка ја презеде контролата. Со серија од пет последователни гејма, таа го освои првиот сет и направи брз брејк во вториот, што беше доволно за триумф.
Статистиката на Сабаленка на австралиско тло е застрашувачка. Таа има победено на 38 од последните 40 натпревари одиграни во оваа земја, освојувајќи пет титули на последните седум турнири на кои настапила „даун андер“.
„Се чини дека ова ќе биде одлична тениска сезона и се надевам дека ќе се сретнеме во уште многу финалиња“, ѝ порача Сабаленка на својата противничка по мечот.
Емотивен говор на Костјук за Украина
Марта Костјук, која го играше своето прво финале по две години, не можеше да ги задржи солзите за време на церемонијата. Таа испрати емотивна порака за состојбата во нејзината татковина.
„Играм секој ден со болка во срцето. Илјадници луѓе се без струја и топла вода на минус 20 степени. Мојата сестра спие под три ќебиња бидејќи е многу студено дома. Тешко е да се замисли тоа овде каде што е толку топло“, изјави Костјук пред полните трибини.



