Ривалството меѓу Њукасл и Сандерленд се врати на голема сцена во Премиер лигата, а „црните мачки“ уште еднаш покажаа дека имаат рецепт за својот најголем непријател. Со драматичен гол на Брајан Броби во 90-та минута, Сандерленд славеше со 1-2 среде „Сент Џејмс Парк“, остварувајќи го првиот сезонски „дубл“ (две победи во една сезона) над Њукасл по повеќе од една деценија.
Рано водство на Њукасл и „пеколот“ на стадионот
Натпреварот започна со спектакуларна кореографија на домашните навивачи и провокативни транспаренти упатени кон Сандерленд, кои долго време отсуствуваа од елитата. Сè изгледаше идеално за „страчките“ кога Ентони Гордон во 9-та минута искористи грешка на гостинската одбрана и погоди за 1-0, негов 17-ти гол во сезоната. До паузата Њукасл ја погоди и стативата преку Ботман, но не успеа да ја удвои предноста.
LET’S. GO. 🖤🤍 pic.twitter.com/Jjyg5L2UfM
— Newcastle United (@NUFC) March 22, 2026
Прекин поради инцидент и големиот пресврт
Второто полувреме започна со непријатни сцени. Судијата Ентони Тејлор го прекина мечот на неколку минути поради извештаи за дискриминаторски навреди од трибините кон дефанзивецот на гостите, Лутшарел Гертруида.
По кратката пауза, Сандерленд излезе како сосем нов тим. Во 57-та минута, по несигурната реакција на голманот Арон Рамсдејл, Чемсдин Талби најдобро се снајде во мешаницата и израмни на 1-1. Њукасл помисли дека повторно води кога Тијао ја затресе мрежата, но голoт беше оправдано поништен поради офсајд и прекршок над голманот Елборг.
Броби за делириум во 90-та минута!
Кога сите очекуваа поделба на бодовите, на сцена стапи корпулентниот Брајан Броби. Напаѓачот на Сандерленд најпрво шутираше, Рамсдејл одбрани, но одбиената топка се врати кај Броби кој од непосредна близина ја смести во мрежата за 1-2 и „експлозија“ на делот каде што беа сместени гостинските навивачи.
Европа е сон за Сандерленд, кошмар за Еди Хау
За Њукасл ова е болен крај на една ужасна недела, откако во средата беа понижени во Лигата на шампионите од Барселона (7-2). Тимот на Еди Хау падна на 12-то место, токму зад Сандерленд. Од друга страна, тимот на Режис ле Брис со овие три бода официјално обезбеди опстанок, но со оглед на формата, навивачите веќе почнуваат потајно да сонуваат и за пласман во Европа.
Њукасл сега има неверојатна низа од 13 натпревари без победа против својот лут ривал во лигашки рамки.



