Ако имате слабо срце, не гледајте натпревари на Њукасл Јунајтед оваа недела. Само три дена по епскиот пресврт против Лидс (4:3), „Страчките“ и Борнмут режираа нова драма во ФА Купот која заврши со 3:3 по 120 минути, а победникот се реши дури по изведувањето на пенали (7:6).
Херој на вечерта беше голманот Арон Рамсдејл, кој против својот поранешен клуб одбрани дури три пенали во рулетот и го испрати Њукасл во четвртата рунда.
Од 0-0 до 3-3: Ролеркостер на емоции
По мирното прво полувреме, вториот дел донесе експлозија. Харви Барнс (10. гол сезонава) донесе предност за домаќините, но храбриот Борнмут, иако без својата ѕвезда Семењо (продаден во Сити), направи пресврт преку Алекс Скот и евроголот на Дејвид Брукс.
Кога се чинеше дека гостите ќе победат, Ентони Гордон израмни од пенал длабоко во судиското надополнување (90+5’) за 2:2.
Во продолженијата, Барнс повторно погоди (118’), но жилавиот Борнмут не се предаде и преку Маркус Таверние во 120+2 минута израмни на 3:3, носејќи го мечот на пенали.
Рамсдејл ги спушти ролетните
Во пенал серијата, Рамсдејл беше несовладлив. Ги прочита ударите на Еванилсон, Хименес и во клучниот момент – на Бафоде Диаките, за конечни 7:6 и ерупција на „Сент Џејмс Парк“.
Ова беше уште една вечер посветена на легендата Кевин Киган, а играчите на Еди Хау се погрижија „Забавувачите“ повторно да бидат во мода.
Погледнете ги најдобрите моменти од овој класик:



