Дека фудбалот сè уште знае да приреди вистински бајки, видовме вечерва во ледениот Бодо. Норвешкиот дебитант Бодо/Глимт ја приреди една од најголемите сензации во историјата на Лигата на шампионите, совладувајќи го моќниот Манчестер Сити со неверојатни 3-1 на температури од -9°C!
Додека Пеп Гвардиола експериментираше со „градинка“ во почетниот состав, Норвежаните покажаа дека на вештачка трева и арктички студ не помагаат милионите, туку само големото срце.
Кошмар на мразот: Сити падна за две минути!
Сити изгледаше целосно изгубено на теренот, а младиот дефанзивец Макс Алејн ќе сака што побрзо да го заборави ова патување. Неговите грешки беа директен виновник за двата гола на Каспер Хог во 22-та и 24-та минута. Додека „граѓаните“ се прашуваа каде се наоѓаат, Бодо веќе водеше со 2-0, а Донарума мораше да прави чуда на голот за да спречи уште поубедлива катастрофа пред полувремето.
Халанд „невидлив“ во татковината, Родри поцрвене од мака
Враќањето на Ерлинг Халанд во родната Норвешка помина во знакот на неговата очајна форма. Најдобриот стрелец во светот не можеше да погоди ниту од осум метри, продолжувајќи ја својата голгетерска суша која сега трае веќе еден месец.
Кога Јенс Петер Хауге постигна сензационален соло-гол за 3-0 во вториот дел, навивачите на „Аспмира“ стадионот буквално паднаа во транс. Шерки успеа да намали на 3-1, но нервозата кај Сити кулминираше кога Родри заработи втор жолт картон, оставајќи го својот тим на цедило во финишот.
Овој пораз е втор во низа за тимот на Гвардиола во 2026 година. Сити сега мора да го победи Галатасарај во последното коло за да обезбеди место меѓу првите осум, додека Бодо/Глимт сонува за плеј-оф рундата по овој историски резултат.



