(Видео) Шок на „Бернабеу“: Хетафе го сопре Реал Мадрид, Барселона останува на безбедна дистанца!

 

Објавено:

Наместо да се доближи на само еден бод до лидерот Барселона, Реал Мадрид доживеа вистински дебакл на домашен терен, губејќи од Хетафе со минимални 0:1. Ова е втор последователен пораз во Ла Лига за тимот на Алваро Арбелоа, кој сега заостанува четири бода зад вечниот ривал по 26 одиграни кола.

Ремек-делото на Сатриано го замолкна Мадрид

Одлучувачкиот момент на натпреварот се случи пред крајот на првото полувреме. Мартин Сатријано постигна гол кој долго ќе се врти по ТВ шпиците. Со спектакуларен волеј ја погоди самата пајажина од голот на Тибо Куртоа, кој беше немоќен при овој проектил.

Претходно, Винисиус Жуниор пропушти златна шанса да го отвори резултатот, но голманот на гостите, Давид Сорија, со фантастична интервенција го доби дуелот „еден на еден“.

Арбелоа без решенија, Мастантуоно со црвен картон

Реал Мадрид повторно беше хендикепиран поради неиграњето на Килијан Мбапе, кој веќе подолго време се мачи со повреда на коленото, како и на Џуд Белингем. Арбелоа се обиде да ја промени сликата со три измени во првите 10 минути од второто полувреме (меѓу кои излезе и Трент Александер-Арнолд), но бедемот на Хетафе остана нескршлив.

Ридигер и Родриго имаа шанси со глава, но топката едноставно не сакаше да влезе во мрежата на Сорија. Вечерта за Мадрид стана уште полоша во судиското продолжение, кога младиот Франко Мастантуоно доби директен црвен картон поради недоличен речник кон судијата Муњиз Руиз. Пред самиот крај, исклучен беше и Адријан Лисо од Хетафе поради тактичко задржување на времето.

Криза кај „кралевите“?

Ова е веќе четврти пораз за Алваро Арбелоа во неговите 12 натпревари на клупата на Реал. Тимот сега мора брзо да се консолидира бидејќи веќе во петок го очекува гостување кај Селта Виго, каде нов неуспех би значел дефинитивно предавање на титулата во рацете на Барселона.



Следете нè: Facebook | Instagram

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено