На “Да Луш” се очекуваше свечен почеток на новата европска сезона за Бенфика. Наместо тоа, навивачите станаа сведоци на историска вечер за Карабах, кој по неверојатен пресврт славеше со 3-2 и ги освои првите бодови во групната фаза од Лигата на шампионите.
Сè започна како по план за “орлите”. Уште во 6-та минута Енцо Баренечеа со прецизен удар со глава донесе водство, а десет минути подоцна Вангелис Павлидис со смирен завршен удар зголеми на 2-0. Делуваше дека Бенфика чекори кон лесна победа, но гостите од Азербејџан имаа други планови.
That first goal feeling. 😌 pic.twitter.com/jGllymtpB6
— SL Benfica (@SLBenfica) September 16, 2025
Во 30-та минута Леандро Андраде со силен волеј ја врати надежта за Карабах. На почетокот на второто полувреме следуваше нов шок за домашните. Камило Дуран се најде во вистинскиот момент и со прецизен удар го израмни резултатот. Атмосферата на стадионот нагло се смири, а Бенфика, и покрај обидите, тешко креираше чисти шанси.
Кога сите очекуваа барем реми, на сцена стапи украинскиот интернационалец Олексиј Кашчук. Во 86-та минута доби топка во шеснаесетникот и со смирен удар го совлада Трубин, носејќи му на Карабах победа која ќе остане запаметена во историјата на клубот.
Qarabağ's match-winner 🤩#UCL pic.twitter.com/WJHGL7c4v4
— UEFA Champions League (@ChampionsLeague) September 16, 2025
Ова е тежок удар за тимот на Бруно Лаже, кој пред само една година стигна до осминафиналето во Лигата на шампионите. Наместо три сигурни бода, португалскиот гигант ја започнува европската сезона со болен пораз и дополнителен притисок врз тренерот и играчите.
За Бенфика следи гостување кај Челси на 30 септември, додека Карабах ќе го дочека Копенхаген еден ден подоцна.



