(Видео) Шок за Болоња: „Vardy Party“ на Дал’Ара, 38-годишниот напаѓач е како вино

Објавено:

Шок на „Ренато Дал’Ара“! Болоња ја пропушти шансата да се доближи на само бод до лидерите Милан и Наполи, откако вечерва беше поразена од храбрата Кремонезе со 1-3.

Херој на вечерта не беше некоја млада италијанска надеж, туку 38-годишната легенда на Лестер, Џејми Варди, кој потсети на своите најдобри денови и постигна два гола за голема победа на гостите.

„Старецот“ сè уште гриза

Кремонезе дојде во Болоња со јасен план на Давиде Никола, цврста одбрана и смртоносни контри преку тандемот Бонацоли-Варди. Резултатот го отвори Мартин Пајеро во 31. минута со прецизен удар од далечина.

Само четири минути подоцна, започна „забавата“. Варди ја искористи лошата реакција на дефанзивецот Казале и зголеми на 0-2. Болоња се врати во игра пред полувремето преку пеналот на Рикардо Орсолини (45’+3), но надежите им беа скршени веднаш на стартот на вториот дел.

Во 50. минута, Томазо Барбиери испрати центаршут, а Варди како во најдобрите денови, се најде на вистинското место и поентираше за 1-3.

Навивачите во транс: „Chat s**t, get banged!“

Ова беше прва „допиета“ (два гола) за Варди во Серија А и вкупно 4. гол сезонава. На социјалните мрежи, фановите „полудеја“ по перформансот на ветеранот.

  • „Господ знае колку ми недостига да го гледам овој човек како трча во дресот на Лестер“, напиша еден носталгичен фан.
  • „Викнете го за Светското првенство! Нашите најдобри напаѓачи освен Кејн се многу полоши од него“, се пошегува друг.

Кремонезе можеше да слави и поубедливо, но Терачано промаши празен гол од еден метар, што за среќа не влијаеше на конечниот исход.

Со оваа победа, Кремонезе се искачи на средината на табелата, додека Болоња остана на 5-тото место со 24 бода.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено