Челси одигра сензационален натпревар против Барселона и ја искористи бројчената предност за да слави убедлива победа од 3-0 во Лигата на шампионите. Со оваа победа, „Сините“ се искачија во топ осум екипи во лигашката фаза, позиција која би им обезбедила директен пласман во осминафиналето.
Ноќта на „Стемфорд Бриџ“ беше целосно посветена на тинејџерските ѕвезди, а победата отиде кај бразилскиот феномен Естевао Вилијан, кој го засени шпанскиот вундеркинд Ламин Јамал.
Араухо исклучен, Кунде си постигна автогол
Челси заслужено поведе уште на самиот старт. По одличната комбинација од корнер, топката се одби од одбранбениот играч на Барселона, Жил Кунде, и заврши во мрежата за 1-0. Претходно, Челси имаше уште два поништени гола на Енцо Фернандез поради офсајд, како и неколку одлични удари од далечина на Рис Џејмс.
Клучниот момент на мечот се случи пред паузата, кога капитенот на Барселона, Роналд Араухо, доби втор жолт картон за прекршок и беше исклучен.
Естевао го украде шоуто, Делап ја прекина сушата
Со играч повеќе, доминацијата на Челси беше целосна, а Естевао Вилијан влезе во свој филм.
Бразилецот, кој има само 18 години, ја демонстрираше својата класа. Со соло продор ги прескокна Пау Кубарси и Алехандро Балде, по што упати силен удар кој го совлада голманот Жоан Гарсија за 2-0. Тоа беше негов петти гол во сезоната, а изнудената замена на Ламин Јамал (исто така 18 години) во 80-тата минута беше испратена со потсмев од домашната публика.
Конечниот резултат 3-0 го постави замената Лијам Делап, кој постигна гол по 11 натпревари суша. Енцо Фернандез го пронајде Делап со прецизен пас во шеснаесетникот, а напаѓачот рутински ја затресе мрежата.
Челси сега со силен моментум (пет победи и едно реми на последните шест меча) го очекува дербито против Арсенал викендов, каде што ќе се борат за намалување на разликата во Премиер лигата.



