Наместо планирано преземање на врвот, Шкендија доживеа студен туш на домашен терен. Во натпревар кој понуди сè, од рани црвени картони до гол во последната секунда, АП Брера успеа да извлече реми (1:1) и да му направи огромна услуга на Вардар.
ВАР го „поцрвене“ Фетаи, но Красниќи погоди за надеж
Натпреварот започна катастрофално за тетовци. Уште во 16-та минута, Имран Фетаи направи невнимателен прекршок на работ од шеснаесетникот. По долга ВАР-проверка, главниот судија му покажа директен црвен картон, оставајќи ги домашните со десетмина на теренот повеќе од 70 минути.
Сепак, нападот на Шкендија проработе во 33-та минута. И покрај бројчаниот хендикеп, Ендрит Красниќи се снајде најдобро во гужвата пред струмичкиот гол и ја затресе мрежата за водство од 1-0, резултат со кој се замина на пауза.
Казната стигна кога најмногу боли
Во второто полувреме, Шкендија се обидуваше да го „затвори“ мечот, но АП Брера со секоја минута стануваше сè поопасна. Тетовци со измени се обидуваа да внесат свежина во дефанзивата, но заморот од играч помалку си го направи своето во самиот финиш.
Кога сите на стадионот ја чекаа последната свирка на судијата, во 95-та минута следуваше молк во Тетово. Никола Величковски упати одличен центаршут, а Виктор Велкоски со прецизен удар со глава ја смести топката зад грбот на Гаје за конечни 1-1.
Вардар „бега“ на плус три
Ова реми е еднакво на пораз за Шкендија во борбата за титулата. По ова коло, разликата меѓу Вардар и Шкендија се зголеми на три бода, што му дава комоција на лидерот пред почетокот на третиот круг. Од друга страна, за АП Брера ова е златен бод кој може да биде клучен во нивната борба за опстанок.



